
Новиот предлог за промена на правилата за членство во ЕУ е во рана фаза и би требало да биде одобрен од сите земји, според тројца европски дипломати и еден функционер на ЕУ запознаен со дискусиите. Иницијативата би им овозможила на земјите што се на пат кон членство, како Македонија, Црна Гора, Украина и Молдавија, да добијат повеќето од придобивките од членството во ЕУ, но барем во почетокот да немаат право на глас додека Унијата не го заврши ремонтот.
Брисел е фрустриран од односот на Бугарија и Унгарија, кои ги користат своите права на вето за да го блокираат приемот на Македонија, односно на Украина. Иницијативата за претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, за гласање со квалификувано мнозинство за прашањата за прием на нови членки беше отфрлено пред три недели, бидејќи и Франција и Холандија се спротивставија на укинувањето на правото на вето.
Проширувањето не смее да се забави од поединечни членки на ЕУ што ги блокираат реформите. Идните членки ќе бидат обврзани да се откажат од своето право на вето сè додека Европската Унија не ги спроведе сопствените клучни институционални реформи - како што е воведувањето на квалификувано мнозинство во повеќето области на политиката, изјави Антон Хофрајтер, претседател на Комитетот за европски прашања на германскиот Бундестаг.
Тој вели дека на разговори со претставници од земјите од Западен Балкан добил „јасни сигнали дека овој пристап го сметаат за конструктивен и одржлив“.
Планот новите членки да се приклучат без целосно право на глас би обезбедил да останеме способни да дејствуваме дури и во проширена ЕУ, вели Хофрајтер.
По долгогодишниот застој, ЕУ повторно го смета проширувањето за стратегиски приоритет со кој ќе ѝ парира на „експанзионистичката агенда“ на рускиот претседател Владимир Путин. Новата иницијатива ја покренале земји како Австрија и Шведска, кој најсилно притискаат да продолжи процесот на проширување кој во моментов е блокиран од Софија и Будимпешта. Се стравува дека задржувањето на кандидатите предлого во чекалницата може да ги компромитира колективните безбедносни интереси и да отвори простор за несакана конкуренција на локалните пазари.
Последната земја што влезе во ЕУ беше Хрватска пред повеќе од 10 години, а во меѓувреме си замина Обединетото Кралство. Сега е време да се оживее процесот и идејата за ЕУ како клуб кој сè уште има гравитација , изјави црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ за Политико.
Лидерите од земјите од Западен Балкан - Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија - ќе се сретнат со европските лидери во среда во Лондон на самит на Берлинскиот процес фокусиран на зајакнување на интеграцијата спроти проширувањето на ЕУ.