
Министерството за државна безбедност во Пекинг тврди дека американската Агенција за национална безбедност извршила долгорочен кибернетски напад врз кинескиот Центар за време, се пробила во системите на персоналот и презела доверливи информации. Податоци и акредитиви за вработените биле украдени уште во 2022 година, а потоа биле користени за следење на нивните комуникации преку мобилните уреди и мрежите.
Центарот за време е многу битен истражувачки институт во рамките на Кинеската академија на науките, со задача да го диктира, да го синхронизира и да го одржува стандардното време во Кина до најситниот дел од секундата. Минимални отстапки во синхронизацијата на часовниците може да имаат големи последици врз комуникациските мрежи, енергетскиот систем, сателитските врски, патувањата и пазарите на пари.
НСА стана озлогласена откако нејзиниот поранешен службеник Едвард Сноуден во 2013 година објави дека агенцијата прислушувала и снимала разговори и преписки на стотици милиони Американци, но и на странски лидери, политичари, бизнисмени и активисти. Сноуден уште тогаш истакна дека хакери од одделението ТАО од 1998 година се пробиле во кинеските компјутерски и телекомуникациски системи, а во операција во 2012 година случајно го блокирале пристапот до интернет во цела Сирија.
Новиот напад почнал во 2022 година, кога НСА пронашла ранливост во „услуга за комуникација на странски бренд на смартфони“ и го искористила за да се пробие до уредите на вработените во Центарот за време. Во следните две години НСА се обидела да изврши напади врз внатрешните мрежни системи и да го наруши високопрецизниот систем за мерење на времето.
На барањето да го коментира извештајот, Амбасадата на САД во Пекинг не го отфрли, но обвини кинески хакери за „компромитирање на главните американски и глобални телекомуникациски провајдери“.
Кина е најактивната и најупорна кибернетска закана за владата на САД, за приватниот сектор и за критичните инфраструктурни мрежи, објави портпарол на Амбасадата.