Германија беше клучен фактор за проширувањето на ЕУ во 2004 година, проект од која самата дебело профитираше, и гео-политички и гео-економски.
Апсорбирањето на Полска, Чешка, Словачка и Унгарија во ЕУ овозможи интеграција на нивните економии во набавниот ланец во поширокиот германски гео-економски простор, кој некогаш се нарекува „германско-централно-европска мануфактурна срцевина“.
Како резултат на тоа, Германија денес е топ партнер на земјите од Вишеградска група и тоа неколку копја понапред од останатите. Самата таа сочинува околу 20% од нивниот целокупен увоз-извоз.
Истиот потег ѝ ја обезбеди и гео-политичката цел за стабилност и безбедност. Тоа проширување го стабилизираше источното соседство на Германија, а демократското зајакнување на тие земји во што беа вложени огромни пари и енергија, успеваше другите големи играчи (Русија) да ги држи настрана од регионот.
Но, кратко после 2004-та година, во германската надворешна политика кон регинот се чувствува „замор од проширувањето“ и чувство дека „главната работа е завршена,“ пишува Даниел Хегедуш за БИРН.
Таквиот однос станува особено видлив по финансиската криза од 2008-ма година, кога и германската и европската надворешна политика го фаќаат курсот на „економизација“. Тоа значи дека буџетската дисциплина, штедењето и почитувањето на критериумите на Мастрихт добиваат очигледна предност над копенхашките политички критериуми како што се демократија, владеење на правото и човековите права.
Тоа остави слободен простор за автократски стратегии кај источните и централно-европските политички елити кои едвај чекаа да се ослободат од кочниците на нивната моќ. Сето тоа, плус брегзит и намалената атрактивност на европскиот модел неодоливо ги мами Русија и Кина да го зголемат своето влијание во овој регион.
Според Хегедуш, поуката која германската надворешна политика треба да ја извлече дека во нејзина корист е поубедливо да подржува влади посветени на базичните вредности на либералната демократија, без разлика дали тие влади се леви или десни.