Германија и Франција нагазија на укинување на правото на вето во ЕУ

Двете најмоќни членки на Унијата се решени до крајот на годината да ги „реформираат националните права“ на земјите членки на ЕУ, што главно се однесува на правото на вето и едногласното донесување одлуки во Брисел.

Промените се прават во име на флексибилност на ЕУ во носењето одлуки која ќе дозволи Унијата „да ја задржи својата позиција како глобален играч“. И двете држави се сигурни дека ова ќе може да се постигне до крајот на годината како дел од обемната институционална реформа што треба да и се случи на Унијата.

Тие инсистираат дека е важно да се укине едногласното носење одлуки во области како надворешна политика и даноци, пред ЕУ воопшто да почне да размислува за проширување. Во пракса ова би значело дека ЕУ ќе може да воведе данок на ниво на Унијата со кој не се согласуваат сите членки, или без согласност од сите да се вклучи подлабоко во војна.

Освен што со ова земјите членки го губат суверенитетот кој им беше гарантиран при приклучувањето на Унијата, ваквите промени би му дале огромни овластувања на Брисел и на Берлин и Париз.

Меѓу другото по ново ЕУ би можела да наметне полиберална миграциска политика, зелени правила и слична прогресивна агенда од која помалите членки не би имале алатки како да се одбранат.

Планот за едногласноста кај надворешната политика е воведување квалификувано мнозинство кое предвидува дека одлуките можат да се донесат со 15 гласа од вкупно 27 членки, кои треба да претставуваат 65% од вкупната популација на ЕУ, што е услов кој оди во корист на држави со голема популација како Германија и Франција.

Лидери како полскиот претседател Дуда, го критикуваат ваквиот план бидејќи е погрешно „членки да уценуваат други членки, вклучително и кандидати на ЕУ, со блокирање на дополнително проширување на заедницата доколку нивните услови не се исполнети.“

Дуда ги потсетува колегите од Франција и Германија дека еден од клучните столбови на Унијата е принципот за ЕУ како братство и соработка која ќе обезбеди мир и економски развој, а за ова да е возможно сите држави треба да имаат исти глас кај сите прашања.“

28 јуни 2023 - 11:59