Ганг труе на лешеви

Едно е страв од стигма од околината ако се дознае дека некој во семејството умрел од ковид-19, друго е што семејствата едноставно немаат пари да ги платат дрвата за кремација на лешот, па фрлањето на лешот во најголемата река во Индија станува решение за двата проблема.

Ганг претходно се наоѓа во ваква ситуација во 1918 за време на големата пандемија на грип во Индија во која се верува дека од болеста умираат 18 милиони луѓе. И тогаш реката труе на лешеви.

Во сегашната здравствена криза, Индија вчера повторно го сруши рекордот на починати, кој сега изнесува 4.529 луѓе за еден ден.

Тука некаде и застануваат статистиките бидејќи не постои официјален број на телата што изминатите две недели се најдени во Ганг по течението во сиромашните сојузни држави Утар Прадеш и Бихар. Процената на локалците и новинарите е дека до сега имаат изброено над 2.000 леша.

Дури и тие што нема да ги фрлат телата во Ганг, често пати решаваат своите починати да ги закопаат на песочниот брег веднаш до реката.

На повеќе делови на реката има распоредено и полиција за да го спречи оставањето на телата, а дополнително почнаа да се поставуваат мрежи кои би ги ловеле лешовите.

Иако властите се обидуваат да ги извадат лешовите, на краткото возење со брод новинарот на Гардијан забележува десетици лешеви, свежи и во полураспадната состојба, како се распарчувани од птици и диви кучиња.

Тие разговараат и со едно семејство кое својот починат го пушта по Ганг. Како што објаснуваат 20 луѓе живеат под ист кров, и во рок од неколку дена двајца мажи од семејството починале за помалку од 48 часа откако покажале симптоми. Кога умира првиот маж, селото помага и собира средства за кремирање и целиот обред. Меѓутоа кога два дена подоцна им умира и вториот член тие завршуваат игнорирани од околината.

„Кога пробавме да купиме дрва за кремирањето нè избркаа и никој во селото не сакаше да ни помогне бидејќи се сомневаа на ковид. Не можевме да купиме дрва и не знаевме што друго да правиме па немавме друг избор освен да го потопиме неговото тело во реката. Тоа го направиме следното утро во 11 часот, и присуствуваа само најблиските,“ објаснува еден член на семејството.

На ниво на Индија, 65% од целата популација живее во рурални села со недоволна или непостоечка здравствена инфраструктура. Утар Прадеш, една од најсиромашните и рурални држави во Индија, има 235 милиони жители. Голем број села низ Утар Прадеш пријавуваат бројни случаи на луѓе кои умираат за неколку дена откако ќе почнат да кашлаат или кренат температура.

Заради недоволното или незапочнато тестирање, доктори кои работат во руралните краишта објаснуваат дека никогаш свесно не лекувале пациенти со ковид бидејќи никој не е тестиран.

„Примаме голем број пациенти кои тешко дишат и ги чуваме на кислородна поддршка. Болниците немаат никаква евиденција за пациентите кои беа примени изминативе недели,“ изјавува еден од докторите во рурален Утар Прадеш, Раџу Кушваха, според кого голем број од постарите пациенти починале откако биле отпуштени од болници заради немање кислород.

20 мај 2021 - 15:07