ЕУ не знае колку гориво ѝ останало

Европските авиокомпании откажуваат летови за да штедат на керозин. Урсула фон дер Лајен ја процени штетата од војната во Иран на 500 милиони евра на ден. Но, Брисел не може да направи стратегија како да се извлече од кризата од проста причина што не знае со колку гориво располага. Залихите се трошат побрзо отколку што ЕУ може да ги измери.

Секој поминат ден од блокадата ја чини Европската Унија половина милијарда евра, изјави вчера претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, сумирајќи ја штетата од поскапата енергија, но познавањето на пазарот и податоците за гас и нафта се ограничени.

Немаме прецизна слика што се пушта во промет, што се повлекува и што се испраќа по различни канали, предупреди анонимен функционер од комесаријатот за енергетика.

Откако почна војната на САД и Израел против Иран, министрите за енергија ја повикаа Европската комисија да ја зајакне способноста на блокот да ги проценува залихите што се чуваат низ целиот континент во подземни објекти, резервоари во главните пристаништа, во супертанкери, аеродромски депоа и клучните цевководи.

На самитот во март министрите од Белгија, Холандија и Шпанија побараа од ЕУ да координира подетално следење на резервите на рафинирани горива и анализи во реално време. Делегатот на Грција побарал Комисијата да воспостави канал на WhatsApp или на Signal за итна размена на податоци со членките.

Секако дека сакаме да имаме подобар преглед на состојбата со горивата низ цела ЕУ. Работиме на тоа, но сега е прерано да се каже како ќе функционира, изјави портпаролката на Комисијата, Ана-Каиса Итконен.

Особено е матна сликата за дизелот и керозинот. ЕУ првенствено се потпира на својата официјална статистичка служба Евростат и на координативни состаноци со членките за да ги процени нивоата на снабдување. Но, повеќето залихи се наоѓаат надвор од видното поле во расфрлани комерцијални залихи во различни сектори. Компаниите не се законски обврзани да ги пријават и не сакаат да откријат чувствителни деловни податоци. 

Она што е познато не е особено утешно.

Залихите на гас во Европа веќе беа ниски пред нападот врз Иран, во просек под 30% од националниот капацитет поради остриот пад во текот на зимата. Дополнувањето на тие резерви зависи од стимулациите на трговците, кои генерално претпочитаат да пумпаат гас во складишта во лето кога цените паѓаат, а да продаваат во зима кога цените растат. Но, војната со Иран ризикува да ја преврти таа динамика.

Што се однесува до суровата нафта, најновиот извештај на Меѓународната агенција за енергетика детално наведува дека европските залихи веќе биле ниски во февруари во споредба со претходната година. Министерствата за енергетика наводно ги ажурирале податоците за сопствените залихи минатата недела, но деталите не беа објавени.

Многу потешко е да се проценат залихите на авионско гориво, кои се чуваат првенствено во покриени резервоари. Податоците се извлекуваат од доброволни објавувања од компаниите, кои не се секогаш точни.

Во идеален свет, би имале пристап до совршени информации. Се надеваме дека имаме точни информации. Навистина не можеме да знаеме, изјави за Политико висок функционер од Брисел.

30 април 2026 - 08:19