Експлозијата во Бејрут, владин пропуст од монументални размери

На 4-ти август во Бејрут се случи експлозија која во својата катастрофалност и разорна моќ заостанува единствено зад американското бомбардирање на Хирошима и Нагасаки со атомски бомби. Американското бомбардирање беше резултат на врвна воена стратегија и планирање, експлозијата во Бејрут беше резултат на врвна неспособност и корумпираност.

Веќе се знае дека во хангарот на пристаништето во Бејрут со години биле складирани 2.700 тони амониум нитрат. На кобниот ден складиштето го зафаќа пожар кој го пали товарот и срамнува огромни делови од Бејрут со земја, убива стотици луѓе и го става Либан „на апарати“.

Без посериозно навраќање на историјата и како Бејрут стана глобален синоним за град разрушен во граѓанска војна, на Либан со децении не му оди добро, а во годината пред експлозијата таму веќе има масовни протести против владата кои почнаа заради девалвација на либанската фунта, која продолжи да паѓа за цело време на протестите.

Една од главните причини за ваквата денешна состојба во земјата е договорот со кој заврши граѓанската војна во Либан, кој предвидуваше дека во либанскиот парламент има точно утврдена квота за секоја верска заедница во земјата, а такви ги има шест главни + останати собрани во една група.

Истиот мировен договор предвидува дека претседателот на земјата ќе биде Маронит (припадници на Источната католичка црква во Либан), а премиерот и претседателот на парламентот ќе бидат муслимани, поконкретно, првиот е сунит, а вториот е шиит.

Тогаш планот е дека 3 години по потпишување на мировниот договор квотите ќе бидат укинати и Либан ќе добие стандардна власт и парламент кои не се полнат по верски клуч.

Мировниот договор беше потпишан во 1989, поделбата се уште не е укината.

 

21 септември 2020 - 15:25