Она за што се согласуваат и експерти на СЗО и американски експерти е дека планот од два чекора треба да започне со масовно тестирање. Како примери се земаат државите како Јужна Кореја и Сингапур кои ги адаптираа своите здравствени системи по САРС од 2003 и МЕРС од 2015, и масовно тестираа десетици илјади граѓани неколку недели откако беа идентификувани првите случаи.
Дополнително Јужна Кореја, како и други азиски држави, активно ги следи податоците од мобилните телефони, плаќањата со кредитни картички и снимки од безбедносни камери за да стигне до секој што бил во контакт со заразена личност. Властите ја информираат и јавноста ако некој заразен бил во нивната област. Иако двете држави неодамна пријавија скок на нови заболени, станува збор за случаи „увезени“ од надвор.
Пример за тестирањето е и Германија, која, покрај сите предности што ги има во однос на здравството, многу рано започна со масовно тестирање, но и испраќаше екипи на терен во домовите на своите граѓани да ги проверуваат дали имаат симптоми.
За разлика од нив, Италија, која има само 5% од населението на Кина има поголем број жртви од коронавирусот отколку Кина. И во рамки на Италија имаше различен пристап. Па така додека во Ломбардија доктори мораа да решаваат на кого ќе му помагаат, а кого ќе го остават да умре, соседно Венето успеа колку толку да го запре напливот и преплавувањето на системот. Разликата беше што Венето спроведе масовно тестирање на своја територија, опфаќајќи ги и речиси сите жители на градот Во каде беа регистрирани првите случаи во регионот. Градот дополнително беше под карантин, и масовно се користеа медицински асистенти кои требаа да ги откријат заразените и да се осигурат дека се во изолација.
Севкупно во Венето има помал број на заразени здравствени работници и смртни случаи отколку во Ломбардија, иако вторава е позната по болници од највисоко ниво.
„Она што е карактеристично за местата со помал број случаи не се само мерките за социјално дистанцирање, туку и агресивни мерки за идентификување и изолирање на луѓе со вирусот,“ објаснува професорката од Универзитетот Калифорнија, Сан Диего, др. Ненси Бинкин, која претходно како претставник на ЦДЦ 12 години има работено во италијанското здравство.
Американските поплаки се дека ниту една од овие мерки, од тестирање, до следење и откривање на нови случаи, не им се достапни чисто заради постојаното намалување на буџетот за здравствена заштита.
Освен пари за овие и други алатки, експертските препораки се дека ќе биде потребен ангажман на илјадници нови лица во американското јавно здравство: „ни треба Маршалов план, ни треба Нов договор“. И овие засилувања не мора да се со специјализантски испити или докторски дипломи, бидејќи неколку држави солидно завршија работа со обука на локални здравствени работници кои помогнаа во олеснување на товарот врз здравствениот систем.
Крајната порака од деканот на Школата за јавно здравје на Јеил е дека стартувањето на целата економија зависи од состојбата на јавното здравје, во кое со години недостасуваат пари.
„Нема поголема закана за економската добробит на планетата Земја отколку пандемија на респираторно вирално заболување,“ порачал деканот, др. Стен Вермунд.