Дали Курдите и нивните последни успеси на теренот се всушност генијална руска тактика е прашање кое наголемо се мозга во НАТО бидејќи различните интереси кои се вклучени во таа игра можат да доведат до сериозен раскол во Алијансата.
Вашингтон долго време ја гледа Сириската курдска партија и нејзиното воено крило (YPG) како оптимална теренска маша против Исис во Сирија. Ама затоа една друга НАТО членка, Турција, истите ги гледа како терористи кои во крајна линија ќе направат проблем и меѓу нивните домашни Курди.
Руската воена интервенција во Сирија го трасформираше 5 години долгиот конфликт во Сирија во полза на нивниот сојузник на теренот, Башар ал Асад. Сириската армија има стигнато на 25 километри од турската граница и има намера тој потег да го запечати и притоа да го освои важниот град Алепо.
Таа ситуација во меѓувреме максимално ја искористија Курдите кои освоија значајни територии од други сириски опозициони групации, речиси во истиот регион.
Вашингтон вели дека засега нема докази дека напредувањето на Курдите е координирано од Москва на која баш добро би ѝ дошле тензии на линија САД- Турција.
"YPG сега е во дилема: дали да продолжи со Америка или со Русија? Консеквенците на
оваа стратешка одлука ќе влијаат врз конечниот исход на војната во Сирија но и врз внатрешните прашања на Турција," вели Метин Гурчан, воен аналитичар и пензиониран турски офицер.
А на теренот ова: Турција ги обвинува Русите дека намерно бомбардираат цивилни цели за да ги депопулизираат населените места за да се олесни офанзивата на владините сили. Вашингтон ги повикува Курдите да не дигаат тензии во близина на Турција. Анкара пак 4 дена последователно ги бомбардира нивните позиции во Сирија.
Во Иран, Ирак Турција и Сирија живеат околу 30 милиони Курди (еј, а ние држава добивме на тацна и онда галантно ја засравме). Не живеат никаде добро, особено не во Сирија каде им е забрането да учат на мајчин јазик, често се протеруваат или им се одбива државјанство. А нивната посакувана држава претендира на територии богати со нафта. Она што во моментов го прават во Сирија е воено оцртување на територијата на која - засега- сакаат да имаат автономија, слична на онаа што ја уживаат во северен Ирак.
На почетокот постоеја сигнали дека е можно Анкара да соработува со YPG но тоа го услови со три обврски: да останат во конфликт само со Асад, да не пробуваат да издејствуваат автономија со воени дејствија и да не претставуваат закана за Турција. Откако Исис го освои курдскиот град Кобане, Анакара ги пушташе ирачките пешмерга Курди да минуваат низ своја територија за да го бранат градот но не мрдна со прст да помогне што ги револтираше Курдите во целиот регион. А тоа пак ги заостри односите на Анкара со домашните Курди па забранетата Курдска работничка партија го прекина двегодишното примирје и нападна турски воени сили.
Се распишувавме. А можевме само да кажеме: калакурница.