Далеку е Перу

Двајца лути политички ривали се најдоа во ист затвор

Екс претседателот на Перу Фуџимори веќе десет години се наоѓа во затвор, специјално изграден за него. Но, министерството за правда пред некој месец најави дека ќе ги проширува капацитетите на затворот, не прецизирајќи за кого. Од пред некој ден, друштво на Фуџимори му прави човекот кој направи пуч против него.   

78 годишниот Алберто Фуџимори последнава деценија ја мина во затворот Барбадиљо, изграден за него во една полициска база во предградие на Лима. Одлежува 25 годишна казна за разни кршења на човекови права за време на десет годишното владеење на неговата десничарска влада. Но, иронија е дека - ако господ го поживее - од таму може да излезе и порано од неговиот најлут политички противник кој деновиве стана штитеник на истиот затвор.

Се работи за Оланта Хумала, 65-от перуански претседател чиј 5 годишен мандат заврши лани. Нему и на неговата сопруга им е одреден 18 месечен притвор додека го чекаат судењето, за да не избегаат или влијаат врз сведоците.

Хумала стана познат откако со група офицери изврши воен удар врз владата Фуџумори, потег кој подоцна политички го капитализира станувајќи претседател на земјата. Но бидејќи само од политички капитал не се живее, тој поработел и на поинаков капитал, поврзан со провизија од градежна фирма од Бразил.

Откако во декември лани градежниците од компанијата Одебрехт признаа дека дале 29 милиони долари рушвет на високи функционери од три различни претседателски постави, министерството за правда најави дека ќе ги проширува капацитетите на Барбадиљо.

Сега е јасно за кого. Велат дека има место и за третиот осомничен, исто така екс претседател, Алехандро Толедо, но тој уште игра надвор со процедурални забелешки.

Интересно  е што еден од ретките кој покажа сочувство за судбината на Хумала е синот на Фуџимори, кој е конгресмен во Перу и кој вели дека од своја кожа му е јасно низ што минува фамилијата на новиот притвореник. 

А не е лошо во Барбадиљо. Фуџимори има стан, канцеларија и бавча да си копка. Истото ќе го имаат и Хумала и Толедо.

Затворските власти велат дека нема да делат ист простор. Освен ако со текот на времето не се спријателат.

Што би било баш хепиенд за сите. Нели е бе така, о, силни и бескомпромисни баратели на правда и мир?

16 јули 2017 - 13:41