Иако сите од ЕУ се задоволни што двете страни ги има зафатено свеж бран на посебен интерес и внимание за темата, нема ни приближно единство кога е во прашање бонусот што и се ветува на „Втората страна“ за менување на своето име.
Во едниот блок се две членки основачи на Унијата, Франција и Холандија, кои инсистираат дека ЕУ треба да се фокусира на реформирање на самата себе пред да почне да размислува за проширување.
Претпазливоста на Франција и Холандија не е од некоја неподносливост кон нас туку повеќе од пресметаност и се базира на верувањето дека почеток на преговори со земји од Балканот „со нивното минато на војување и длабоки проблеми со организиран криминал и корупција, ќе биде подарок за популистите на изборите за Европскиот парламент во 2019.“
Па така двете земји веќе имаат донесено нацрт заклучок за самитот на Европскиот совет на 28-29 јуни, во кој се предвидува почетокот на преговорите за членство на Македонија и Албанија да се префрли за втората половина на следната година.
На другата страна е група предводена од функционери на Европската комисија и високи германски политичар, поддржани од влади од Централна и Источна Европа. Нивната позиција е дека ЕУ мора да продолжи да ги чува земјите од Балканот во својата орбита „за да го спречи растечкото влијание ривалски сили на југот од континентот.“ Минатата недела германскиот министер за надворешни работи порача: „ Ако ЕУ не успее да оствари напредок во процесот на приклучување на овие држави, тогаш ќе има фатални последици.“
Другиот аргумент што доаѓа од делот на ЕУ кој навива за нас е дека со почеток на преговорите, Унијата ќе добие поголем пристап за вршење притисок за демократија и владеење на правото во земјите кандидати.
„Во моментов изгледа дека Македонија и Албанија најмногу што можат да очекуваат од самитот е договор за почнување на подготовките за преговори за членство.
Меѓутоа тие ќе мора да преземат далеку повеќе реформи пред да можат да седнат на преговарачката маса,“ се објаснува во анализата на магазинот Политико.
Во целата работа посебна улога има Австрија и нејзиниот канцелар, Себастијан Курц, кој иако е голем поборник за приклучување на земјите од Западен Балкан, инсистира на официјално прекинување на преговорите со Турција за вклучување во ЕУ или во спротивно ќе го блокира целиот процес на проширување на Унијата.