Единицата за која работи е одговорна за сајбербезбедност и следење електронски комуникации, што е околу една половина од вкупниот дневен разузнавачки обем на БНД. Таму, како руски крт тој би имал пристап до критични информации собрани од службата од почетокот на руската инвазија во Украина. Освен податоците од БНД, тој имал пристап и до податоците собрани од останатите германски разузнавачки служби, плус од западните партнери како ЦИА.
На апсењето му претходеа неколку такви операции во кои беа откриени „нелегалци“, терминот што се користи за руски агенти, во Холандија, Шведска и Норвешка.
Германските власти допрва треба да утврдат што штета има направено нивниот вработен, кој за сега е идентификуван само како Карстен Л. кој бил поранешен војник. Њујорк тајмс разговара со тројца функционери запознаени со истрагата „кои се загрижени дека овој случај би можел да е само врвот на глечерот“.
Операцијата веќе довела до второ апсење во кое е прибран соработникот на Карстен со руско потекло, кој работел како курир, и според еден од изворите на Тајмс му имал исплатено на Германецот околу 400.000 евра во кеш.
Исто така не е познато кој кого го регрутирал, но властите за сега веруваат дека двајцата биле споени од германски воен резервист кој бил член на крајно-десничарската Алтернатива за Германија. Наводно Германците воопшто дознаваат за дупката во своите редови преку дојава од сојузничка западна агенција.
Американците ги обвинуваат Германците дека последниве години не се доволно претпазливи на руски шпиони и нивните обиди за контрашпионажа. Тајмс дополнува дека „со години како што германските политичари притискаат за се посилни врски со Москва, посебно заради купувањето на гас, тие затвораат голем дел од разузнавачките единици фокусирани на Русија.“
Наспроти ваквата германска позиција, Путин решава да ја направи Германија своја главна мета.
„Тие имаат високо специјализирани експерти кои течно зборуваат германски, кои одлично знаат да се снајдат таму и кои започнуваат многу таргетирани операции во Германија.
На наша страна ние речиси немаме никој останато што ја познава Русија или течно зборува руски, и внимателно ја следи другата страна,“ објаснува поранешниот функционер на германското министерство за одбрана, а сега дел од Безбедносната конференција во Минхен, Нико Ланге.
Иако немаат очигледна причина зошто Карстен Л. би ја прифатил руската понуда, една линија на сомнеж е неговата наклонетост кон крајната десница, која е утврдена преку тоа што кај него дома се најдени два флаера од Алтернатива за Германија, плус на работа отворено им зборувал на колегите дека се чувствува како државата да се распаѓа и бил посебно критичен кон новата централно-лева влада.
Историјата на германските разузнавачки служби е полна со упади од руско/советско разузнавање, меѓу кои највпечатливо беше откритието по распадот на СССР, дека еден од највисоките директори на германското разузнавање, Гарбриел Гаст, цели 17 години работи за Штази.
„Сите партнерски служби сметаат дека БНД целосно е изрешетана. Нејзината внатрешна безбедност со години е неуспешна - и тоа се повторува пак и пак и пак,“ објаснува германскиот историчар кој има напишано неколку книги за БНД, Ерик Шмит-Инбум.
Според Шмит-Инбум на Карстен му било достапно изобилие на информации од интернет шпионажа, германски станици за надзор и уреди за мобилно прислушување во јужна Украина, до германски разузнавачки бродови кои ја следат војната од Балтичкото море. Плус Карстен би имал пристап до извештаи од американски служби како ЦИА, НСА или британски ГКХ.
Кратко пред да биде откриен дека е крт, Карстен бил унапреден во раководител за безбедносна проверка на вработените, позиција која му овозможува да прими агенти кои се ранливи на уцена и поткуп, и да сподели информација за истите.