За сите овие 20 години аеродромот во Баграм е центар на сите операции на американската армија во Авганистан, а во пикот таму се сместени десетици илјади војници. Се работи за база која се наоѓа на само 60 километри од Кабул, има капацитет од над 100 илјади луѓе и освен за одбрана е направена како транспортен и логистички центар за целата воена машинерија која сите овие години функционираше во Авганистан.
Аргументите што се даваат за базата во Баграм е дека таа може да се одбрани, дека е засилена, дека е опкружена со ѕидишта кои можат да заштитат и да го намалат ударот од експлозиите. Освен ова базата е надвор од урбана средина и има огромна писта на која можат да слетаат и масовните Ц-5 товарни авиони.
За разлика од нејзе аеродромот во Кабул се наоѓа во густа урбана област, до која нема подготвена одбрана за рутите за евакуирање.
Процената е дека поисплатливо било со време комплетниот персонал и сите амбасади од Кабул да се преселат во базата (околу саат и пол возење од Кабул), каде има голем број празни згради кои без проблем ќе ги соберат сите дипломати и персонал.
Запрашан за Баграм, Бајден целиот товар го префрла на Пентагон за кои вели дека заклучиле дека „Баграм нема некоја значителна додадена вредност, и дека е далеку попаметно да се фокусираат на Кабул.“
Шашанк Јоши од Економист оваа изјава ја проценува како знак дека или Бајден е конфузен или, полошо, дека тој активно го лаже американскиот народ кога го изјавил ова.
Првиот човек на американските вооружени сили, генералот Марк Мајли, објаснува дека во времето кога се правени подготовките се зборувало за ангажирање на сосема поинаков, помал, број на американски војници за спроведување на евакуацијата, отколку што беа ангажирани во Кабул, заради што и отпаѓа аеродромот во Баграм бидејќи за негово обезбедување потребни се повеќе војници.
И тука главна фалинка на американскиот план за повлекување од Авганистан останува тоа што тие никако не очекуваат дека Талибанците за неколку дена ќе ја освојат целата власт во земјата, бидејќи надежта е дека авганистанските власти ќе помогнат во евакуацијата.
„По колапсот на авганистанската влада, Бајден можеше да испрати доволно американски војници за повторно да ја освојат базата во Баграм и да обезбедат безбедна евакуација. Тој ја одби таа опција во корист на што е можно побрзо да се излезе од земјата, надевајќи се дека на тој начин ќе избегне конфронтација со Талибанците која би можела да резултира со американски жртви. Во четвртокот тој секако доби жртви,“ стои во едиторијалот на Вол стрит журнал.
Американците ја напуштија базата во Баграм уште на почетокот на јули, и уште тогаш напуштањето беше скандалозно, откако тие решиле сред ноќ да си заминат од базата, без воопшто за тоа да им кажат ниту збор на колегите од авганистанските безбедносни сили присутни во Баграм.
Новиот авганистански командант на базата дури следниот ден во 7 часот наутро дознава дека тие си заминале, кога се уште во базата нема влезено ни еден авганистански војник. Дополнително, начинот на кој е изведено ова повлекување исто така сериозно го разнишува моралот на авганистанската армија.
Зачуден околу напуштањето на Баграм беше и потполковникот Стујарт Шелер, активно распореден на обезбедување на аеродромот во Кабул, чие видео деновиве стана вирално откако побара одоговрност од своите претпоставени за смртта на 13-те војници и за организирањето на евакуацијата: