„Републиканската партија не го поправи даночиот систем и не ги скрати „вашите“ даноци. Таа штотуку изведе пуч кон средната класа и работниците пренасочувајќи огромни количини јавни пари кон приватните мулти-милионери и милијардери. Американците не ги препознаваат ваквите измами бидејќи не ги разбираат социјалните класи, дури не ни веруваат во нив“, пишува професор Хуан Кол од Универзитетот во Мичиген.
Тој потсетува дека Републиканската партија ги претставува најбогатите. Стигнува таа и до селата и патем тврди дека ги штити интересите на тие луѓе, но нејзината главна групација се оние првите, кои потоа ја праќаат во Конгресот, Сенатот и Белата куќа со нивните донации. На пример, Алабама е нивен повеќедецениски бастион па сепак таа со децении е најсиромашната федерална држава. А партијата „им помага“ со тоа што им ги дразни илузиите дека нивниот христијански фундаментализам може да им се наметне на 320 милиони Американци како единствена водилка низ животот.
Денес најбогатите 1% Американци поседуваат 38% од богатството (во 50-тите години поседувале 25%) а најбогатите 10% држат 76% од вкупното приватно богатство. Ако цела држава се претстави како група од 100 луѓе, 90 од нив заедно имаат само 24 проценти од вкупниот капитал.
„Знаете што направивте? Мене и Андерсон Купер нè почестивте со огромно кратење на давачките кон државата“, му рече искрено одлично платениот водител на CNN, Џејк Тејпер на својот републикански соговорник кој ја бранеше тезата дека последните даночни реформи најмногу ја помагаат економијата и средната класа.
За водителот тоа е стара финта на Републиканците, да ги намалат даноците, особено на најбогатите, а потоа одеднаш да се заинтересираат за државниот дефицит па со тоа алиби да удрат на кратење на социјалните сервиси и услуги кои ги дава државата.
„Американската економија енормно порасна од 70-тите години до сега. Просечната плата на просечен работник денес е иста како онаа во 70-тите години. Ако тие не го добиле својот дел од економијата која ја пораснале, кој го добил?
Оние 1%?
Да, оние 1%, прашува и одговара професорот Кол.
За него, најдобар опис на последниот потег околу даноците е следното видео. Снегот собран од улиците и трупан на едно место на кое никнува вештачка планина.
Њујорк Тајмс има фина анализа како звучниот популизам изгледа низ бројки. Поконкретно пишуваат за т.н. „Pass-Through“ доход, оној кој се оданочува на поединечно а не на корпоративно ниво, а на чие намалување Републиканците се особено горди. Точно е дека ваков тип доход пријавува огромен број луѓе, околу 40 милиони Американци годишно, но вистина е и дека 69% од целиот волумен на тој приход е во рацете на оние топ 1% најбогати.
Самиот Трамп без никакво криење рече дека за најзначаен дел од неговите реформи го смета намалувањето на корпоративниот данок од 35 на 21 процент. Од друга страна, другите важни Републиканците кои ја буткаа реформата, истата ја „продаваа“ со приказната за помагање на средната класа (види кај спикерот Пол Рајан, кај прес секретарот на Белата куќа Сара Хакаби Сандерс, кај водачот на мнозинството во Сенатот, Мич Меконел).
Не се за карање. Истражувањата покажаа дека 6 од 10 Републиканци навистина веруваат дека главна цел на реформата е помагање на средната класа.