Според разузнавачки извори на Пост, американските тајни служби идентификувале поединци со врски со руската влада кои предале илјадници хакнати мејлови од Демократите, вклучувајќи ги и оние на Подеста, на Викиликс.
Соучесниците биле опишани како луѓе познати на разузнавачката заедница како дел од пошироката руска операција за помагање на Трамп и намалување на шансите на Клинтон за победа на изборите.
"Проценката на разузнавачката заедница е дека целта на Русија била да се протежира еден кандидат во однос на другиот, и да се помогне во изборот на Трамп. Тоа е консензуален став," ја цитира Вашингтон пост изјавата на еден висок американски функционер.
Функционерот изјавил дека извештајот на ЦИА бил презентиран на затворен состанок пред клучни американски сенатори. Во него ЦИА навела, што според Пост е тајна проценка, се поголем број докази од повеќе извори, а на сенаторите им било кажано дека сега е "прилично јасно" дека целта на Русија бил изборот на Трамп.
На извештајот му фалеле само неколку агенции за тој да биде потпишан од сите 17 разузнавачки агенции. Според изворот на Пост, американските тајни служби немаат конкретни информации кои посочуваат дека поединци од Кремљ наредиле предавање на хакираните мејлови на Викиликс.
Асанж во телевизиско интервју порача дека руската влада не е извор на мејловите. Од ЦИА немаат коментар околу веста, а Трамп изјавил дека не е уверен дека зад сајбер нападите се крие Русија.
Токму содржината на мејловите беше слабата точка на Хилари за време на целата нејзина кампања, и главната тема на сите напади на Трамп кон нејзе. За време на партиските избори, Берни Сандерс одлучи комплетно да се откаже од користење на мејловите во дебатите и препукувањата со Хилари.