Брегзитер се од ЕУ корнеше

Претседателот на кампањата која одвои милиони Британци од ЕУ, Најџел Лосон, реши дека е крајно време да поднесе документи за добивање неограничен престој во ЕУ.

Лосон одлучи со време да ги собере потребните документи кои му овозможуваат да го продолжи својот престој во Франција, каде инаку е и неговото живеалиште.

Запрашан дали брегзит ќе им го искомпликува животот на Британците кои живеат и работат во ЕУ, Лосон изјавува дека можеби ќе има одредени бирократски препреки кои ќе треба да се надминат, ама сè на сè процедурата нема да е некој страшен проблем.

Поранешниот пратеник од конзервативците е масовно исмеван од противниците на брегзит заради неговата жестокост во борбата да се „ослободи Британија од прангите на Брисел,“ додека истовремено продолжува да живее во вила во југозападна Франција.

Во интервју за Гардијан од пред референдумот, Лосон изјавува „Јас ја обожавам Европа! Затоа живеам во Франција.“ Лосон во февруари 2016 беше избран за претседател на кампањата Гласај за напуштање, за по два месеци да биде заменет заради несогласувања.

Минатата година Најџел Фараж, најпроминентниот претставник на кампањата за брегзит, изјави дека одбива да се откаже од својата ЕУ пензија финансирана од даночните обврзници, порачувајќи „Зошто па моето семејство да страда?“ Кога ќе наполни 63 години на Фараж му следува пензија од 73.000 фунти годишно.

7 јуни 2018 - 12:04