Еден месец по руската инвазија во Украина, беше формирана приватна американска организација за тренинг на украинските војници. Сочинета од екс-маринци, таа привлече медиумско внимание со самото име - Моцарт Груп - што е очигледен одговор на руската Вагнер Груп.
Моцарт инсистира дека нејзините членови не учествуваат во борбите и дека не се ни вооружени. Според лидерот на групата, поранешниот маринец Ендрју Милбурн, имаат развиено два тима за воена обука и еден за евакуација на цивили од воените зони. Секој од нив чини по 100.000 долари месечно.
Милбурн сега е тужен во американскиот суд во Вајоминг, од еден од основачите на групата, и како што тврди - мнозински акционер во компанијата. Енди Бејн го тужи Милбурн за финансиска измама, сексуална злоупотреба, кражба, обид за подмитување, заобиколување на регулативите за трансфер на оружје и слично.
Најсериозното обвинување е околу раководењето со донациите кои ги насочувал кон лични или блиски сметки а за себе си одредил месечна компензација од 35.000 долари.
Милбурн плаќал и лична секретарка 90.000 долари годишно, што е 4 пати повеќе од вообичаенета плата за тоа место а барал и сексуални услуги од жена која му била офис менаџер.
Бејн тврди дека Милбурн така раководел со групата што високи украински воени офицери почнале да се прашуваат “не може ли да си оди дома и да престане да нè спасува?“
Ден откако беше тужен, Милбурн одговори со низа контра обвинувања на социјалните мрежи на сметка на Бејн.
Го опиша како огорчен бивш финансиски директор и вели дека е обвинуван за финансиски и сексуални малверзации. Тврди дека Бејн, кој долго време функционира како бизнисмен од Киев, има сериозни инвестиции во Русија, обвинување што во Украина има посебна тежина. Дури го обвини и дека се обидел да ја продаде Моцарт на Талибанците.
Иако не е необично партнери-основачи да се испокараат, тоа обично не се случува во активна воена зона. Зад конфликтот веројатно стои намера Моцарт да се прошири и да се претвори во приватна воена компанија со глобални претензии.
Оперативниот директор на Моцарт потврдил дека се бараат нови клиенти на други локации по светот.
Следна за Моцарт е Ерменија.