Претходно во 2010-та истиот суд донесе пресуда која дозволи неограничени средства од корпорациите да бидат донирани во изборната трка, со што се создаде Супер ПАК феноменот (групи кои смеат да собираат колку сакаат пари од богатите и да ги трошат за кои сакаат кандидати), кој прво го прифатија Републиканците, за "потоа да почнат да го користат и циничните и преплашени Демократи."
Во двата случаја водечка сила беше актуелниот претседател на Врховниот суд, Џон Робертс, кого го опишуваат дека "верува дека Првиот амандман заштитува се освен најдиректно давање мито, и верува дека трошењето пари е чист говор."
"Парите во политиката може да им е одвратен на некои, ама истото важи и за голем дел од она што Првиот амандман жестоко го брани. Трошењето големи суми пари поврзано со изборите, но не и поврзано со обид да се контролираа извршувањето на официјалните должности на функционерот, не предизвикува раст на директна корупција. Истото важи и за веројатноста дека поединец кој троши големи суми може да 'стекне влијание над или пристап' до избраните функционери или политички партии," ја објаснува Робертс одлуката на судот.
Сето ова би било на место кога корупцијата би значела само директно давање пари во замена за гласови за одреден закон.
"Корпоративните лобија не трампаат пари за гласови - тие се закануваат дека ќе ги поддржат противничките членови во Конгресот кои би гласале за нивната 'кауза' и ги даруваат пријателските законодавци со голф патувања во егзотични земји, и останати подароци на кои многу потешко можеш да им влезеш во траг отколку на парите," пишува Мет Тејлор за Вајс.
До сега поединците беа ограничени на вкупно 48.000 долари во донации за едни избори. Стравот е дека одлуката најдиректно ќе им дозволи на супер-богатите да влијаат врз кандидатите за најразлични позиции во американското законодавство.
"Имаше римски император - Калигула - кој го назначи својот коњ во Сенатот. Сега системот е станат толку лош што ако браќата Кох го стават својот коњ во Сенатот, тоа нема да направи некоја посебна разлика. Е, до таму сме," изјавил конгресменот од Флорида, Алан Грејсон.