Најголемиот дел од загадувањето што го испушта амазонската шума доаѓа од пожари, главно намерно подметнати за чистење на земјиштето за одгледување говеда или соја. Меѓутоа дури и без пожарите, повисоките температури и сушите придонесуваат југоисточниот дел од Амазон да стане извор на ЦО2, наместо да биде сунѓер за штетни гасови.
Студијата која ги вади овие резултати трае околу десет години и во неа истражувачите со авион ги мерат нивоата на ЦО2 над Амазон на висини до 4.500 метри. Претходните студии се базираа на сателитски снимки, чија точност може да биде попречена од облаци.
Тоа што посебно ги загрижува научниците е што и деловите на Амазон без пожари исто така емитувале јаглерод-диоксид. Според нив ова најверојатно е последица на тоа што дефорестацијата и пожарите од секоја година, ги прават околните шуми почувствителни на промените што ќе се случат следната година. Дрвјата го создаваат најголемиот дел од дождот во регионот, заради тоа помалку дрвја значи посериозни суши и топлотни бранови и повеќе мртви дрвја и пожари.
„Првата лоша вест е дека горењето шуми создава околу три пати повеќе ЦО2 отколку што шумата апсорбира.
Втората лоша вест е дека на места каде што дефорестацијата е над 30% испуштањето на ЦО2 е 10 пати повисоко отколку на местата на кои дефорестацијата е пониска од 20%.
Помалку дрвја значи помалку дожд и повисоки температури, што ја прави сушната сезона уште полоша за остатокот од шумата.
Влезени сме во многу негативен циклус што ја прави шумата поподложна на неконтролирани пожари,“ изјавила раководителката на истражувањето, Лицијана Гати.
Студијата објавена во журналот Нејчр покажува дека пожарите произведуваат по 1,5 милијарди тони ЦО2 годишно, а шумата апсорбира само 0,5 милијарди тони. Останатите 1 милијарда тони ЦО2 што остануваат во атмосферата се еднакви на годишното загадување на Јапонија, 5-от по големина загадувач во светот.