Летото 2009 претседателот Обама беше во Гана и на Африканците им одржа лекција по демократија во која им оддаде почит на оние се упорни да бидат гласачи и одлучни да си ги бираат сопствените водачи. „Историјата е на страната на овие храбри Африканци", изјави Обама, „а не со оние кои преку воени удари или со менување на уставниот поредок сакаат да останат на власт. На Африка не ѝ требаат силни ликови туку силни институции".
Ова се впечатливи слогани, но контекстот во кој се кажани не е баш најсоодветниот. Што ако во земја која нема искуство со демократијата единствениот избор е помеѓу оние кои користат воени удари и други кои го прават истото? И што ако страната која организира пуч ѝ се спротивставува на другата бидејќи вторава сака да остане на власт менувајќи го Уставот?
Токму тоа се случи минатиот октомври во Буркина Фасо, поранешна француска колонија сосетка на Гана, каде по нејзината независност, сите пет претседатели беа симнати од власт со пуч, а шестиот, Блез Компаоре, откако се отараси од неговиот претходник остана на власт 27 години.Според законот тој можеше да биде на власт до 2015, па законот мораше да се смени. Народот реагираше: четири дена го окупираше Уагадугу, главниот град на Буркина Фасо, беа запалени и зградата на Парламентот и националната телевизија, за на крај Компаоре да избега во егзил. Војската ја презема власта, растурајќи ја неговата влада и ветувајќи национални избори.
Ваквиот исход во Буркина Фасо инспирираше слични побуни во други африкански земји. Таква беше онаа во Киншаса, Демократска Република Конго, откако претседателот Јозеф Кабила предложи закон кој инсистира на комплетен попис пред следните национални избори, шема која би можела да го остави на власт со години. Тогаш беа убиени најмалку 40 луѓе кои протестираа, но Кабила на крај сепак го повлече законот.
Во Бурунди пак, земја која има неколкудецениска историја на пучеви, убиства, масакри, геноциди и граѓанска војна, пред дванаесет години се случи мировен договор и нов претседател - некогашен команднат на востаниците, Пјер Нкурунзиза. Уставот му овозможуваше два мандата, но нему му се заарни па реши да се кандидира за трет, промптно создавајќи политичка криза. Неколку генерали се обидоа да ја преземат власта, но лојалистите ги спречија. Сега економијата на Бурунди е во тешка ситуација, независните медиуми се замолчани, луѓе се убивани и малтретирани, особено од младинското крило на партијата од којашто е Претседателот. Нкурунзиза нема гајле, бидејќи според неговите зборови е во контакт со Господ, а Господ ете така сака да биде.
Буркина Фасо, Конго и Бурунди се најсиромашните, најмалку развиените земји во светот, а нивните водачи се како мафијашки „кумови", кои не се ни обидуваат да глумат дека се во служба на народот.
Но, во меѓувреме во парламентот на Руанда пристигнуваат купишта петиции во корист на претседателот Пол Кагаме, за да може тој да се кандидира за трет мандат, бидејќи вториот му истекува во 2017. Повеќе од два милиона граѓани (во земја од 12 милиони) наводно го потпишале ова барање заради тоа што во време на Кагаме се направени големи, позитивни промени по геноцидот. Кагаме изјавува дека целата акција нема врска со него, но со оглед на тоа што тој доминира со политичкиот живот на земјата од 1991-ва, тешко е да се замисли дека некој со сила би го натерал на трет мандат. Од друга страна, без јасна идеја за наследник, човекот кој навистина е симбол на стабилноста лесно раѓа страв од нестабилност (доколку земјата се замисли без него).
Во Гана Обама зборуваше за потребата од мирни трансфери на власта дури и кога има тесни изборни резултати. По него, ваквото сценарио можеби не е толку драматично како борбите за слобода, но е многу позначајно. Сепак, неодамна во Нигерија имаше и таква драма, кога прв пат во историјата на таа земја. еден претседател, Гудлак Џонатан, беше поразен од водачот на опозицијата, Мухамаду Бухари. Џонатан се реши на "шокантен" потег - му честиташе на противникот и си се повлече, на тој начин спасувајќи ја земјата од пучови и долгогодишни судири.
"Останувањето на власт ќе го сметам за неуспех а заминувањето од таму како мој успех", со години велеше Кагаме од Руанда. Според Њујоркер, токму тоа е врвен доказ дека еден човек има лидерски капацитети.