Истрагата за даночна измама од Лајкамобајл трае неколку години и е прилично обемна во Франција и до сега се уапсени 19 лица обвинети за користење на сметки на компанијата за перење пари.
„Меѓутоа Конзервативците продолжија да земаат пари од Лајкамобајл - и сега може да биде откриено дека британските власти блокираа формално барање од француското обвинителство за спроведување на рации во Лондон како дел од истрагата,“ пишува Базфид.
Базфид имале пристап и до официјални документи во кои Французите бараат британските власти да извршат рација во централата на Лајкамобајл во Лондон, и да запленат докази за перење пари и даночна измама.
Во официјален одговор на ова барење, од 30 март 2017, британски владин претставник пишува дека Лајкамобајл е голема мултинационална компанија која располага со обемен имот и би било „екстремно неверојатно таа да се согласи нејзините простории да бидат пребарани.“
Во писмото ХМРЦ (HM Revenue and Customs) се наведува и:
„Треба да се забележи дека тие се најголемиот корпоративен донатор на Конзервативната партија предводена од премиерката Тереза Меј и во 2012 имаат донирано 1,25 милиони евра за Принц Чарлс трустот.“
И покрај тоа што централата во Лондон никогаш не е пребарана, француската истрага продолжува и на Лајкамобајл во Франција и е наредено да плати 20 милиони евра кауција, откако две нејзини компании во земјата се обвинети за перење пари.
Базфид разговараат со претставникот за јавноста на ХМРЦ во врска со донациите, и тој инстантно негира таква содржина: „Ниту еден функционер на ХМРЦ не би напишал такво нешто. Во име Божје ова е Велика Британија, а не некоја банана држава од третиот свет каде органите на државата се врзани со некаков вид клептократија.“
Вториот чин од ваквата британска ароганција и неповикан презир кон земјите од третиот свет, тече многу поинаку, па друг портпарол на ХМРЦ ги потврдува тврдењата на Базфид и содржината на нивните мејлови, изјавувајќи дека „жали“ за целата работа.
„Никогаш не ги земаме предвид политичките донации кога разгледуваме како да работиме со други држави, или со нашата, во спроведување на даночните закони.
Ама јасно ми е како ова може и така да биде прочитано, што токму е причината зошто не треба таму да биде напишано,“ изјавил портпаролот на ХМРЦ, според кој референците на донациите се вклучени како „позадинска“ информација.
По одредено време, откако Французите почнаа истрага за перење пари, а Базфид ја објави својата репортажа која открива дека Лајкамобајл депозира торби полни со пари во пошти низ цел Лондон, британските власти решија да го разгледаат однесувањето на компанијата, а Конзервативната партија од крајот на јули 2016 има прекинато да прима донации од Лајкамобајл.
Токму Базфид беше првиот што во 2015 тајно снимаше курири на компанијата како разнесуваат торби со пари низ поштите во Лондон.
Лајкамобајл е најголемиот виртуелен мобилен оператор во светот, кој на големо купува минути од мобилните оператори и потоа ги продава на милиони корисници низ цел свет како евтини припејд картички.
Базфид открива и дека Лајкамобајл својата мрежа на оф-шор компании им ја има дадено на користење на луѓе блиски на поранешниот претседател на Шри Ланка, Махинда Раџапакса, за да извадат пари од земјата.
Инаку сопственикот на Лајкамобајл, Субаскаран Алираџах, родум во Шри Ланка, со длабоки врски со конзервативците платил за да се приклучи кон ексклузивната Лидерска група на најголеми донатори кои имаат приватни вечери со британскиот премиер и министрите од британската влада, и станува близок со британскиот министер за надворешни работи Борис Џонсон откако ја финансира неговата кампања за градоначалник на Лондон.
Годишниот обрт на Лајкамобајл изнесува 1,5 милијарда евра, и благодарејќи на обемна мрежа од над 60 оф-шор компании таа легално избегнува плаќање корпоративен данок.
Што се однесува на куририте, кои 5 недели се следени од тим репортери на Базфид, како секој ден разнесуваат торби пари низ Лондон, објаснувањето на Лајкамобајл во основа е дека тие уплаќаат дневен промет. Базфид ги снима куририте и како ги предаваат сумите на шалтер, и успева да фати единечни трансакции и до 240 илјади фунти.
Она што им е чудно на репортерите е дека паралелно со куририте една безбедносна компанија постојано оди во депоата на Лајкамобајл и собира по околу 40 торби со пари во оклопни комбиња, „што е нормален начин за бизниси кои работат со готовина да ги транспортираат своите пари.“
Француската истрага открива шема во која едната компанија во земјата Лајкамобајл сарл (д.о.о.) работи легитимно со постојни телеком корисници, додека другата, Лајкамобајл сервисес, има наплатено десетици милиони минути меѓународни разговори на „дух компании“.
Лајкамобајл сервисес во рок од 9 месеци во 2015 година добива 75 милиони долари од 19 компании „кои според забелешките во извештаите на аналитичарите ги имаат сите обележја на шел компании: ’неодамна креирани, адреса со виртуелна канцеларија, и не се ДДВ обврзници.’“ Фактурите од телеком компанијата што овие компании ги поднеле до своите банки според аналитичарите се „очигледно лажни“.
Во снимките од прислушување кои се дел од француската истрага се открива дека куририте што ги разнесувале торбите пари биле во контакт со пар кој се сомничи дека работел како врска со криминална мрежа за перење пари и кои ги контролираат најголемиот дел од шел компаниите што им плаќале милиони на Лајкамобајл сервисес преку „директори кукли.“
Кога француските власти го прибираат на испрашување менаџерот на Лајкамобајл во земјата, Ален Јочимек, тој на полицијата и кажува дека сите активности во Франција се под надзор на директори од централата на Лајкамобајл во Лондон, кои ги контролираат сите сметки банкарски сметки на компанијата. Освен тоа, според неговото сведоштво, парите од шел компаниите што легнале на сметка на француската Лајкамобајл, од таму биле распоредени на оф-шор сметки преку банкарска сметка во Лондон. Токму ова е причина зошто Французите бараат британските власти да извршат рација во Лондон.
Во јануари годинава Французите собираат доволно докази за да ги обвинат двете компании на Лајкамобајл во земјата за организирање на масовна шема за перење пари и за избегнување на плаќање десетици милиони евра ДДВ. Судењето се очекува да почне кон крајот на 2018.