По години обидувајќи се да го соборат Чавез со најразлични закани од војна, потоа истиот рецепт го префрлија на Мадуро, новиот потег на Американците во ерата на Трамп е признавање на паралелен претседател, Гуаидо, и изгладнување на земјата со санкции (додека во исто време прават драма што на граница не пуштиле неколку камиони хуманитарна помош).
Американските меинстрим медиуми кои се во меѓусебен раскол околу домашните прашања и решенија, имаат армиски порамнет марш на тема Венецуела. Организацијата за следење медиуми, ФАИР, ги студира колумните и едиторијалите во медиуми како Њујорк тајмс, Вашингтон пост, големите 3 неделни утрински програми или ПиБиЕс њузауар, и заклучува дека ниту еден од 76-те едиторијали објавени на овие медиуми НЕ се против отстранување на Мадуро.
Како што ќе напишат ФАИР во извештајот:
„Покривањето на Венецуела од страна на корпоративните вести може да се опише како сеопфатна маркетинг кампања за промена на режимот.“
Притоа не сите се настроени на војна туку ставовите се движат од воена инвазија до мирољубиви преговори со Мадуро да се спакува и напушти.
„Значи треба да го смениме Мадуро со сила, или тој треба да си замине мирољубиво, по преговори. Тоа се опциите.
По катастрофата во Виетнам пред многу години, американските лидери беа уверени дека во Индокина изгубивме заради - пази ова - лош ПиАр.
Вистинската лекција во Виетнам требаше да биде дека луѓе ќе ја платат секоја цена за да соборат омразена окупаторска сила. Американските мислители и аналитичари сепак некако се убедија самите себе (и за чудо се уште се) дека проблемот е Волтер Кронкајт и телевизиските мрежи кои се откажаа до воените напори.
Потоа тивко, низ децениите, лоби групите извршија притисок за промени. Во следната голема војна, веќе нема да има ужасни слики од војници како гинат или ковчези како се истовараат од американски воени авиони, ниту слики од цивилни масакри, ниту дефетизам налик оној на Кронкајт.
Сето тоа беше средено кога почна првата војна во Ирак. Телевизискиот пејзаж до тогаш веќе беше речиси комплетно стерилизиран. Џеси Вентура и Фил Донахју беа тргнати од МСНБЦ затоа што беа против инвазијата. Телевизиските мрежи се согласија да не снимаат ковчези и сцени со смрт.
Сепак инвазијата во Ирак беше неуспех заради истите причини од кои и Виетнам беше неуспех, и Либија беше неуспех, и Авганистан беше неуспех, и Венецуела или Сирија или Иран ќе бидат неуспех, ако стигнеме да ги собориме режимите во овие држави: Америка не е способна да го разбере или почитува инстинктот на странците сами да се управуваат.
Шаблонот на американски интервенции со години е ист. Ние секаде сме за самоодлучување, се додека таквото самоодлучување не е во судир со комерцијални и безбедносни цели.
Стандардна причини за Америка да почне да работи на соборување на власта е кога лидерот ќе се обиде да ги национализира ресурсите на својата држава. На пример затоа во Иран го заменивме демократски избраниот Мохамед Мосадик со Шах,“ пишува Таиби.
Значителната промена што се случува е што ако сето ова време спротивставувањето на ваквите политики е главната цел на американскиот либерализам, од 2016 такво нешто не постои и стандардно анти-воените гласови комплетно го сменија својот став.
Една ваква надвор од памет промена на ставови ја имаше некогаш големата противничка на војната во Ирак, Рејчел Медоу, инаку една од најострите критичарки на Трамп и цела негова постава. Водителката на МСНБЦ на неверување на сите во својата емисија го оплакуваше Џон Болтон за тоа како националниот советник за безбедност бил спречен од Трамп да го собори Мадуро.
Медоу ќе каже: „Без разлика што мислите за Џон Болтон пред ова, за неговата кариера, за неговите реноме. Само мислете на Џон Болтон како човечко суштество.“
„Снимката беше нереална. Како да го гледаш Дик Чејни како пее ’Give Peace a Chance’,“ пишува Таиби.
Инаку истиот овој Болтон што Медоу сега го жали беше еден од најразјарените функционери во времето на Буш, чиј притисок значително придонесе за влегување на САД во Ирак.
„Тој е живо олицетворение на ’добронамерна хегемонија’ империјалниот план прв пат претставен во 90-те од нео-конзервативци како Бил Кристол и Роберт Каган. Ова вклучува и насилно соборување на секоја власт која ни дава отпор, со цел ширење на чудесиите на американскиот начин на живот,“ објаснува Таиби во текстот за Ролинг стоун.
Ваквата поставеност на медиумите и дебатата во нив, доведе до досега незабележани моменти во кои МСНБЦ, Си-ен-ен, Њујорк тајмс и Вашингтон пост пред некое време едногласно ја хвалоспеваа одлуката на Трамп да го признае Гуаидо како легитимен претседател на САД. Истото ова случуваше и со Сирија, „каде и дури и најмалиот знак на незадоволство од идејата за промена на тамошната власт беше сосечен во корен.“
„Во медиумскиот свет ова беше разбрано укор дека секое истапување од редот за Венецуела или Сирија ќе резултира со отстранување од списоците за гостување на ТВ, губење на приходи од појавување на ТВ, и други проблеми.
Ова во пракса ги направи излишни сите интелектуални приговори на менувањето на власта. Во ерата на Трамп, работи кои до неодамна ги ужаснуваа луѓето - од атентати со дронови до тортура и следење - сега не предизвикуваат ни глас.
Пред неколку недели Њујорк тајмс објави сторија за Гвантанамо која би требала да е разорувачко парче новинарство. Во неа беше објавено дека одговорните за затворот градат старечки дом затоа што затворениците се очекува таму да остарат и умрат, и никогаш да не помирисаат слобода. Еден од затворениците беше прикажан како претерано внимателно седи во дворот заради ’хронични ректални болки’ предизвикани од тоа што постојано бил содомизиран во затворите на ЦИА.
Пред 10 години Американците ќе беа длабоко засрамени од вакви стории. Сега, дури и на либералите не им е гајле.
Каузата на империјата паметно беше препакувана во #Отпор против Трамп, кога во суштина е истата стара ароганција, осудена да доведе до исти катастрофи. Лошите политики не стануваат подобри само затоа што луѓето повеќе не зборуваат за нив,“ порачува Таиби.