Кенан Малик во Опсервер потсетува на својот тогашен текст во кој пишува дека „иако изразите на гнев и тага на европските лидери можеби се искрени“ сепак човек „не може а да не биде циничен околу целото оплакување. Ужасите од Лампедуза не дојдоа од ведро небо. Најголем дел од одговорноста лежи во политиките спроведувани од европските нации.“
Неговата забелешка е дека иако со право и заслужено се одвојува многу време и простор за критикување на групи како Пегида или држави како Унгарија заради нивните постапки кон бегалците, сепак „треба да се признае дека вистината околу дехуманизацијата е многу понепријатна и поблиска до дома.“
„Идеите и политиките промовирани од крајната десница и популистичките анти-имиграциски ликови не доаѓаат од ведро небо. Тие станаа препознатливи затоа што основните за нив веќе беа поставени, и понатаму се одржувани, од меинстрим политичари и коментатори.
Постои тенденција меѓу либералите да веруваат дека постои голема поделба околу имиграцијата меѓу меинстримот и популистите или меѓу полибералната западна Европа и реакционерниот исток.
И ова е искривување на реалноста.
Иако постојат разлики, поделбата не е ни приближно остра како што се мисли. Токму реториката и политиките на меинстримот и западна Европа помогнаа во легитимизирање на непријателството кон имиграцијата изразено од популистите и источна Европа,“ пишува Малик.
Меѓу посвежите примери тој го наведува неодамнешниот скандал со Виндраш генерацијата во Британија (имигранти, претежно од карипските острови кои по Втората светска војна доаѓаат во земјата). Во скандалот стотици луѓе кои со децении живееле во Британија или биле родени таму се третирани како „нелегални имигранти“ затоа што не можеле да го докажат спротивното.
Во меѓувреме Емануел Макрон спроведува насилно затворање на мигрантски кампови, во Париз и на други места, и воведува нови закони за засилување на правилата за мигранти и добивање азил. Меѓу нив има мерки како зголемување за два пати на рокот на кој мигрантите можат да бидат држени во притвор, и зголемување на казните за нелегално минување на границата.
„Каде и да погледнеш во Европа, од Скандинавија до Шпанија, од Италија до Холандија, меинстрим политичарите прифаќаат сличен пристап,“ пишува Малик.
Она што се случува на терен е „контрадикторност меѓу потребите и желбите,“ па додека политичарите ја признаваат потребата од имиграција, тие истовремено „ја промовираат идејата за имиграцијата како социјален проблем со кој мора да се справат.“
„И ова е главната насока за имиграциската политика на ЕУ - чувство на спасување на континентот од инвазија. Повеќе од 3 децении, политиката беше составена од пролонгирана стратегија на криминализирање на мигрантите, милитаризирање на граничните контроли и префрлање на одговорноста за контролирање преку плаќање на не-ЕУ државите, од другата страна на Медитеранот, за да работат како имиграциска полиција на Европа,“ пишува Малик.
Што се однесува на несреќата кај Лампедуза СОС молбите од мигрантскиот брод во кој загинуваат 300-те бегалци се игнорирани од три италијански рибарски бродови. Зошто? Затоа што италијанското законодавство има пракса да ги суди рибарите кои спасиле давеници по основа на „помагање на нелегална имиграција.“
„Тоа е реалноста во Тврдината Европа: политичарите и функционерите се толку заслепени од својата опсесија со нелегалната имиграција што тие ја изгубија целата способност да ја препознаат својата најосновна обврска кон други.
Стравот од овозможување на нелегален имигрант да влезе во Европа, изгледа поголем отколку чувството на вина да се дозволи друго човеково суштество (кое ете е со потекло од Африка) да умре. Па кога крајно-десничарските движење ги малтретираат спасувачките бродови на невладините организации или кога напаѓаат бегалски кампови, треба да запаметиме дека тие не се први што го направиле тоа. Тие само ги следат европските државни органи,“ порачува Малик.