Во глобалните пребројувања, турската офанзива против Курдите се смета за најдобар приказ на светот некоја идна потенцијална пост-НАТО реалност: „Речиси комплетната нерелевантност на ЕУ во однос на настаните поврзани со безбедноста во нејзиниот двор“.
„Знам дека сме заедно во НАТО, и дека САД и Турција се во НАТО.
И јас дознав преку твит дека САД решиле да ги повлечат своите сили,“ изјави Макрон.
Освен за упадот во Сирија, ЕУ никаде ја немаше ниту за постигнување на привременото примирје меѓу турските и курдските сили, за овие вториве да можат да се повлечат. Во оформување на планот учествуваа Русија, Сирија и САД, ама не и Европа, истата Европа каде цели агенди и влади беа менувани по напливот на бегалци од Сирија во 2015.
Не дека, Макрон, Меркел и останатите (инспирирани од појавата на Трамп) немаат повторено бројни пати дека Европа треба да почне да покажува посебен интерес и успех за одбраната, ама Унијата се уште во пракса го нема постигнато она што го нарекува „стратешка автономија“.
Ова на терен значи дека иако во Сирија сето ова време имаше француска војска, во моментот кога САД одлучија да се повлечат (и тоа да го соопшти Трамп на Твитер) за да отвораат пат за влез на турските сили, француската војска немаше начин како да го спречи тоа, да компензира за заминувањето на Американците и да го предомисли Ердоган во одмаздничкиот поход против Курдите.
За да не биде дека импотентноста на ЕУ се оценува според неоправдано високи стандарди, потврда за неспособноста на Унијата да постигне што било беше и обидот да состават официјална осуда на турската воена акција (Унгарија блокираше да не случајно се наљути Турција и да ги пушти бегалците накај Запад), а предложеното ЕУ ембарго за продажба на оружје на Турција беше изгласано само откако во него се остави можност да биде доброволно.
Кога е во прашање НАТО, само 6 ЕУ држави ја постигнаа (Естонија, Грција, Латвија, Литванија, Полска и Британија) границата од 2% од сопствениот БДП да го потрошат на одбрана. Франција не беше една од нив, иако постојано галами дека треба да се создава ЕУ војска. САД трошат 3,5%.
Она што ЕУ има на располагање се економски мерки, на пример половина од турскиот извоз (околу 85 милијарди долари) завршува во ЕУ, меѓутоа за тие мерки да вродат со плод потребни се години, „во време кога зашеметувачки промени во регионалната безбедност ја оставаат ЕУ со се понерелевантен глас на прашања како Сирија“.