Трамп го чини Њујорк 1 милион долари дневно

Обезбедувањето на Трамп додека е во Њујорк и чека да биде инаугуриран за претседател, ги чини градските власти нешто над 1 милион долари дневно. Добра вест за буџетот на градот е што за неполни 3 месеци Трамп се сели во Вашингтон. Лоша вест е што Меланија нема да оди со него.

Меланија и 10-годишниот Барон се очекува да останат во Трамп кулата сред Менхетен. За сега се претпоставува дека тие ќе бидат таму барем до крај на школската година на Барон.

Цехот за обезбедувањето го зголемува и тоа што речиси ист третман како Трамп добиваат и неговите возрасни деца и внуци. Тајфата Трамп е составена од 5 деца (од кои 3 се во брак) и 8 внуци.

"Ова е многу сериозен потфат, и ќе бидат потребни значителни ресурси. За кратко време ќе започнеме разговор со федералните власти за надоместување на дел од трошоците што паднаа на њујоршката полиција," изјавил градоначалникот на Њујорк, Бил де Бласио.

Додека обезбедувањето на Трамп и семејството паѓа на Тајната служба, локалната полиција им помага во процесот, посебно во делот со контролирање на движењето на јавноста.

Иако обезбедувањето што го добива Трамп му следува на секој претседател што чека да влезе во Белата куќа, крајната сума за него ќе биде далеку повисока затоа што живее во една од најгусто населените населби во најголемиот град во САД.

"Никогаш не сме имале ситуација Претседателот толку често да е тука. Деталите од неговите идни планови не се познати, ама со сигурност знаме дека во текот на следните 65 дена (до инаугурацијата) тој редовно ќе биде тука," порачува градоначалникот.

Градот редовно добива надомест кога го засилувал обезбедувањето за време на посети на светски лидери, најчесто за време на самити на Обединетите нации. За периодот од јуни 2015 до крајот на јуни 2016, градот по оваа основа добил надомест од 26 милиони долари, или околу 500 илјади долари неделно.

Секојдневното движење на Трамп е нервоза и за тамошните жители, бидејќи заради него се затвораат некои од најпрометните улици во градот.

22 ноември 2016 - 16:32