22 години без блузерот

Тома

Тома Здравковиќ? Тоа е оној пејач што од школо има само основно и курс за тракторист? Точно. Оној што се женеше 3 пати и на крајот умре без деца? Баш така. Оној што целото богатство го потроши по кафани и коцкарници за потоа да остави само еднособен стан на Петлово Брдо? Сосема сте во право.

Па тогаш со што заслужил еден таков човек рубрика во Време? Епа, госпоѓо тоа тешко се објаснува. Причината e, помалку или повеќе, бизарна: знаете, тој беше најдобар.

Видете, неговата приказна почнува во селото Печењевац кај Лесковац. Бидејќи таму немало работа, морал да замине во град да заработи парче леб. Работел најтешки физички работи, во градежништво и слично. Едно време бил физикалец во лесковачката болница, а на паузите знаел да седне на скали и да пее на цел глас. На крајот го забележале. Тоа било некое друго време, кога за снимање плоча не било доволно само да се фрлат 5-6.000 марки. Требало да се напише песна и да се отпее. А, тој го знаел и едното и другото.

Ако некогаш се најде некаков историчар на популарната култура, кому ваквите теми не му се под чест, веројатно ќе забележи дека истиот Здравковиќ првиот јавен настап го имал во раните '70-ти години во хотелот "Дубочица" во Лесковац. Пеел пред Силвана, која подоцна и му помагала. Да, станува збор за Силвана Арменулиќ. Не, госпоѓо, не е тоа онаа пејачка како што велите, туку дама каква што Вие нема да станете ни за три животи. Без навреди, ве молам, тоа се факти. Елем, Силвана му помагаше на почетокот а останатото е историја.

Сосема сте во право, госпоѓо, неговите песни немале некоја посебна уметничка вредност. Ни гласот не му бил школуван. Сепак, дури и денес, после толку години, кога некаде ќе почне негова песна, очите се насолзуваат, рацете се креваат, чашата некако сама од себе се крши, а музичарот, да му ибам кемането, добро се офајдува. Најниски пориви, зачадена крчма, одвратни мачо балкански оргии? Можеби сте во право, но како да Ви кажам, некои луѓе сè уште сакаат да го почувствуваат мирисот на душата, или барем да ѝ го слушнат гласот. А Тома имаше душа, онаа што од "среќата тага ткае". Балканците го сакаат тоа. Па и Калил Џибран и Бодлер и уште Бог знае кој сè не пеел за пијанство. Зошто Тома да е полош од сите нив?

Можеби не сте знаеле, но г-дин Здравковиќ се дружел со Мирослав Антиќ и Кемал Монтено. Во право сте, сè сами мокри браќа. Генијални, но добро, тоа не е важно. Подобро да зборуваме за неговите љубови. Всушност, нема тука што многу да се зборува, тој сите убаво ги опеа. Знаете за онаа спикерка од телевизија. Убава жена, тогаш само такви пуштаа пред камера, габорите налик на овие денешниве не смееле ни улица да поминат. Па тогаш онаа втората, па третата... Но, ништо туѓо, не џабе ја препеа онаа на Масјас (Enrico Macias), "Tu es la femme de mon ami". Тоа беше друго време, некако поопуштено, поубаво. Ако баш сакате, Тома беше еден од оние кои го обележаа тоа време. Бидејќи, за некоја година никој во Лесковац нема да се сеќава на Жика Жмигавац или на некој сличен. На Тома ќе се сеќаваат.

Од каде таа популарност, особено после смртта? Кој знае, можеби одговорот треба да се бара во тоа што таканаречениот кантавтор секоја своја песна ја доживеа, отпеа и одболува. Денес овие опајдури на Пинк, пеат за магијата на селскиот живот, додека Версаче костимите им пукаат на проблематичните места. На ниедна не би и паднало на памет да отиде кај Марко во лесковачкото циган маало и со денови да пее "за џ". Не им е на ниво. Затоа им ги забораваат имињата уште пред да успеат да им ги изговорат. А Тома, го памтат.

Интересно, но во она што би се нарекло контра-културна средина на Тома, со години бараат наследник, но џабе. Некои на тоа место го видоа Џеј Рамадановски. Не вреди, малиот Ганци се среди, има жена, потомство, кафуле.. И тој може да пее колку сака за несреќни љубови, ама кој ќе му верува? Како што се вели, љубовта и туберклозата не можат да се скријат. А ни да се изглумат.

Така ви е тоа, госпоѓо. Кој знае, можеби еден ден и ќе сфатите, кога ќе ги чуете вашите деца како пејат "Уморан сам од живота" и врескаат како полудени. Се сомневате? Добро, ќе видиме. Догледање, се најубаво, бакнувам рака. Туку, мали, дај уште една дупла маченица, и земи и за себе нешто. Отсипи малку за душа на Тома. Ете, така. Ајде сега на здравје!

Урош Комленовиќ, Време, виа Бука

30 септември 2013 - 17:01