Исто како и личниот идентитет, и оној на цели нации не е еднаш засекогаш фиксиран, туку динамичен и подложен на промени. Оној на американската нација изгледа дека еволуира на начин кој го означува крајот на белечката доминација и на „американизмот" како исклучиво поврзан со белата раса. Американците ќе мора да го редефинираат она што ги издвојува од останатите, ако тоа веќе не е бојата на кожата.
Во 1987 еден познат професор по англиски од Универзитетот Вирџинија, Е. Д. Хирш јуниор, објавил тенка книшка под наслов „Културна писменост". Во неа тој изнел став дека на оние кои живеат во САД им треба заеднички културен речник врз основа на кој би се воспитувале новите генерации.
И ова не е само метафора - на крајот од книгата тој нуди апендикс: список на околу 5,000 имиња, фрази, датуми и концепти кои „треба да ги знае секој Американец". Останатото според него е небитно.
Токму заради дополнувањето, а не заради самата книга, таа стана бестселер. Списокот беше тема на дебата на речиси секоја посериозна публикација и медиум. Наскоро Хирш доби профил во списанието People и беше цитиран и од оние кои никогаш не ја виделе книгата.
Главен камен на сопнување беше фактот дека работите на неговиот список се главно зборови и дела на „мртви бели мажи" кои ги имаат удрено темелите на американската култура, но кои одамна не се актуелни (пример: Херман Мелвил, авторот на „Моби Дик"). Ова секако им годеше на конзервативците кои го нарекоа бранител на наследството, додека за либералите тој беше расист и сексист. Сепак обете страни признаа дека навистина постои некаков најмал заеднички содржател, во смисла на културно наследство, кое би требало да се дефинира, за да служи како сврзно ткиво помеѓу инаку шареноликото население на САД.
Дека Хиршовата листа не е онаа совршената, тоа е јасно. Содржината на споделена јавна култура во голема мерка се состои од „шеми", збир на концепти и нивните значења, кои нашиот ум ги регистрира онака како што шахист ја толкува ситуацијата на шаховската табла. Но за да се разбере шемата, треба да се знаат поединечните елементи. Исто како што родителите знаат дека колку што повеќе му се зборува на бебето толку побргу тоа ги усвојува гласовите, зборовите и концептите, така е и за речникот на американската култура. Освен тоа, тој не треба да биде само збир од нејзините различни делови, некаква неутрална зона во која никнат милиони мали ниши на идентитет а без никаква меѓусебна комуникација, туку ниши кои го споделуваат тој речник.
Тогаш кои се 5,000-те нешта кои треба да ги знае секој Американец во 2015? Новинар на Атлантик нуди свои предлози за првите десет, меѓу кои „американскиот сон" или Регановата револуција. Но без оглед на конкретните термини, имиња и историски датуми она што според него е важно е дека се потребни повеќе референци кои покажуваат како, на пример, Индијците ги обожуваат нивните богови, како Кореанците се однесуваат кон нивните стари или кои африкански обичаи се се уште актуелни помеѓу афро-американското население. И потребни се повеќе од само зборови - слики, симболи (плакати, знамиња), иконични звуци (Синатра, воена музика), сленг на сиромашните и работнички заедници, но и на елитата, интернет мемиња, поп културни референци.
Кои би биле десетте (20, 100, 5.000) културни референци кои би требало да ги знае секој којшто живее во Македонија?