Што е со Данска?

САД како број еден земја во светот има 320 милиони жители, најбогата и технички најнапредна економија, и моментално (сакале или не) е центарот на светот. И покрај ова, претседателските кандидати на Демократите, кога сакаат да опишат колку добро ќе владеат, ветуваат дека Америка ќе ја направат како Данска.

Клинтон во ТВ дебатата изјави "ние не сме Данска," Берни Сандерс смета дека САД треба да се угледаат на Скандинавскиот модел (Данска, Шведска, Норвешка).

Објаснувањето за вака нетипичната љубомора кон странски модели на владеење, се однесува на успехот на овие држави да искомбинираат голема влада, со навистина големи даноци и редистрибуција на приходите. Зависта во најголем дел е што ним им успева да спроведат она што во САД се смета за апокалиптично сценарио - данок од над 60% и дарежливи социјални и работнички права, и да покажат дека економскиот раст и еднаквоста се возможни.

Ваквата комбинација редовно им носи први места на скандинавците во најразлични рангирања на држави по среќа, пари, успех и слични норми кои предизвикуваат љубомора.

"Дури и да не постоеше северниот европски прогресивен рај, американските прогресивци ќе мораа да го измислат. Без Нордијците, левицата немаше да може да најде приказна за успешна голема администрација. Кого ќе го посочеа? Франција, која е 29-та според индексот на среќа и само едно место пред Аргентина, или 22-ра по компетитивност, речиси на исто со Саудиска Арабија," пишува Џејмс Петокукис во Вик.

Тој објаснува дека главниот проблем со приказната на американските демократи е дека Скандинавците и пред воведување на дарежливата социјална држава, имаат одличен живот. Норвежаните уште во 60-те имаат најдолг очекуван животен век, а зад нив беа Шведска и Данска.

"Ова покажува дека особеностите на скандинавката култура одиграле голема улога во создавање на нивните среќни и здрави општества. Оваа теза е поткрепена и од фактот дека стапката на сиромаштија кај американските жители со нордиско потекло е за половина пониска отколку онаа кај Американците севкупно.

Уште поважно, иако Сандерс се колеба себе си да се нарече каков било вид на капиталист, Скандинавците во изминатите 20 години станаа далеку поотворени кон пазарот. Нивните економии сега имаат корпоративни даноци пониски од САД. И тие имаат високи оценки на Индексот за економски слободи на конзервативната Херитиџ фондација, посебно кога е во прашање владината регулација. Тие исто се и слободни трговци, за разлика од Сандерс, кој во 90-те беше противник на НАФТА договорот и денес на ТПП," објаснува Петокукис.

17 октомври 2015 - 16:40