Садик Кан, ни прв ни последен

Медиумите хорски го прогласија Садик Кан за првиот муслиман кој ќе управува со еден европски град. Ваквиот неупатен сензационализам превидува историја подолга од еден милениум. Муслимани управуваат со европски градови цели 1.300 години.

Лондон не е првиот голем европски град кој има муслиман за градоначалник дури и во поновата историја. Тој примат го има холандскиот Ротердам кој за прв човек го има Ахмет Абуталеб (роден во Мароко) уште од 2008-ма година а човекот и денеска е на таа позиција. А и во самиот Лондон локалната власт ја држеле муслимани во Брент (кај што е Вембли), Сатон и Хакли. Но, ако се инсистира само на Лондон, не би ни можело да се зборува за некаква историја бидејќи таму градоначалникот директно се избира од пред 16 години.

Кога би се враќале наназад, ситуацијата е уште пошарена, бидејќи концептот за Европа како некаков ексклузивен бастион на христијанството е горе- долу мит. 

Христијанството почнува сериозно да се шири низ Европа дури во 4-от век и до 8-от (400 години подоцна!) сè уште има сериозна конкуренција од Исламот во Шпанија и јужна Франција. Христијанството било прифаќано многу побавно отколку што луѓето имаат претстава, со инаетливи и жилави пагани кои опстанале со векови. Дури и Средновековна Европа е религиозно трипартитна - христијани, муслимани и пагани.

Делови од Шпанија, често огромни, биле под муслиманско владеење од 711 до 1492. На пример, Абд ал Рахман е прогласен за емир на Кордоба во 756 година. А тоа е голем европски град - Кордоба со векови бил најнаселениот град во тогаш познатиот свет.

Муслимански емират била и Сицилија, од 831 до 1072 година.

Отоманската империја - башка. Овде 5 века, Атина ја држат 4 века, подолу е турскиот градоначалник на Атина во 1815-та:


А Атина секако е голем европски град, исто како и Буда (еден од близнаците на Будимпешта) која го има за главен Абдурахман Али Паша Албанецот од 1682-ра, или пак Белград чиј градоначалник во 1793 станува Хаџи Мустафа Ага. 

А денес Константинопол/Истанбул го има доктор Кадир Топбас, муслиман, за градоначалник. Од друга страна, претежно муслиманското Сараево, пред три години гласаше за христијанинот Иво Комшиќ.

Некои ќе речат дека муслиманските владетели на европските градови се резултат на освојувања. Но, освојувањата се составен дел од целата европска историја: Британците биле владеани од Нормандијци, германски племиња освојувале територии во Франција, Шпанија и Италија, Словените доаѓаат од североистокот...

Се разбира, изборот на Садик Кан е добра победа над фобиите кои против него ги ширеа Ториевците со која Лондончани уште еднаш ја покажаа својата кулоќа.

8 мај 2016 - 14:34