„Изјаснување на граѓаните“ по важни прашања за некого звучи фино. Но за политичарите ова е ризичен потфат кој често знае да даде неочекувани резултати.
Просечниот светски гласач сè почесто е некој кој ги има загубено илузиите и е генерално лут на оние кои го довеле до тоа дереџе. Да го прашаш таквиот човек дали е за или против нешто, и да очекуваш дека тој ќе ти ја погоди мислата, значи дека е подобро ич да не го прашуваш. Ама па тоа не би било демократија.
Прво така се зафркна британскиот премиер со Брегзит. А уште понеобичен е примерот со колумбискиот претседател Хуан Мануел Сантош (кој неодамна ја доби Нобеловата награда за мир), кој ги праша своите сограѓани дали после долги години преговори и децении војување тие се конечно подготвени да склучат мировен сојуз со востаниците на Револуционерните вооружени сили на Колумбија-Народна армија (на шпански ФАРК), герилска група формирана во 1964 како вооружено крило на Комунистичката партија. Се претпоставува дека таа има помеѓу 6-7.000 активни борци, што е голем пад од 2002 кога таа бројка се проценуваше на 20,000. Мировниот договор помеѓу герилците и владата кој требаше да го „аминуваат“ граѓаните на Колумбија го одбија 50,2% од нив. Сите беа изненадени од ваквиот резултат, особено имајќи предвид дека со „не“ гласале и области кои со години се малтретирани од востаниците. Но нивната логика е да не им се дозволи тие да поминат неказнети (кој ја гледал Наркос може да ги претпостави ваквите преговори во истиот колумбиски контекст, само на друга тема).
И ова не е единствениот пример кога колективот изненадува со својата референдумска реакција. Луѓето чувствуваат дали се за или против нешто „од стомак“, а не затоа што некој им понудил рационални аргументи. „Да“ или „не“ не остава простор за компромис и рамнотежа потребна за парламентарно мнозинство. Дури и победа на референдум на хартија може да излезе пораз, затоа што ги потенцира поделбите во општеството.
Така, одлуката на премиерот Виктор Орбан да ја повика Унгарија да ги отфрли квотите за бегалци на ЕУ наиде на речиси едногласна референдумска поддршка. На оние што излегоа. Но мнозинството Унгарци останаа дома, не сакајќи да учествува во војната на Орбан против Брисел. А кога сме кај Европа, да не заборавиме дека референдумот има матна историја во нејзини рамки, па така во 1934 токму ваквиот демократски инструмент му ја предаде власта на нацистичкиот фирер.
Од друга страна, референдумот може да биде и причина за радост, барем на мнозинството. Преку вакво изјаснување се создадени нови држави, како Источен Тимор, Црна Гора, Јужен Судан и - Македонија. Во некои земји тие се евергрин, како во Швајцарија каде имале 200 референдуми во последниве 20 години, за сè и сешто, од градење тунели до даночна политика и имиграција. И во САД се прави истото, сметајќи го референдумот како директна демократија, вградена во системот.
Сепак, критичарите на овој инструмент велат дека политичките елити преку него се оградуваат од одговорност и дека тој му дава шанса на популизмот, кој на тој начин ги „прескокнува“ институциите кои се воспоставени за да одржуваат демократска рамнотежа. Но без оглед на лошите страни, не изгледа дека референдумите наскоро ќе згаснат - италијанскиот премиер Матео Рензи изјави дека ќе се повлече доколку не му поминат уставните промени на референдум во декември. Тоа може да доведе до политичка нестабилност во Италија, ама па нели народот одлучува?