- Сојузот на синдикатите денеска одржа протестен марш со барање за минимална плата од 600 евра и линеарно зголемување на платите за 100 евра.
- Претседателот на ССМ Слободан Трендафилов го отфрла законското усогласување од 1.667 денари, бидејќи усогласувањето не го покрива растот на трошоците за живот - во последните два месеца вредноста на синдикалната минимална кошница пораснала за 2.000 денари.
- Тој додаде дека 160.000 работници во земјава примаат плата која е под прагот на сиромаштија.
- „Сметаме дека за март мора да се зголеми минималната плата затоа што работниците заработуваат многу повеќе отколку што ги плаќаат“, порача Трендафилов. Минималната плата, односно таа што ќе се исплати во април, по годишното усогласување, е 26.000 денари и не ја достигнува вредноста ниту до 500 евра.
- ССМ останува на најавата за 24-часовен генерален штрајк, кој овој пат ќе го опфати и приватниот сектор.
- Меѓународниот кривичен суд ја затвори долгогодишната истрага за злосторства извршени од американските сили во Авганистан по 2003 година.
- Првичната истрага беше одобрена пред шест години, но долго време беше замрзната. Судскиот совет сега заклучи дека Обвинителството повеќе не е способно ефективно да спроведува истраги и да обезбедува докази, што дополнително се усложнува поради времето што изминало од извршувањето на наводните злосторства.
- Ќе продолжи посебен случај „Ситуацијата во Авганистан II“, кој се фокусира на наводни злосторства на талибанците по август 2021 година, вклучително и прогон на жени и девојчиња. Меѓународниот кривичен суд веќе објави налози за апсење на високи талибански лидери.
- САД не се членка на МКС и ја отфрлаат неговата надлежност врз американските државјани. Вашингтон воведе санкции против судии и обвинители откако Судот објави меѓународна потерница по израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху поврзана со злосторства во Газа.
- Американскиот државен секретар Марко Рубио минатата недела го обвини Судот дека „го користи меѓународното право како инструмент на глобалните елити“.