Рич кидс оф Кореа ер

Претседателот на Кореан ер, националниот превозник, пред корејската јавност се извини за однесувањето на неговите две ќерки, кои неколку години по ред го резилат пред народ. Плус, најави и дека двете ќе бидат отпуштени од компанијата.

Чо Хјун-ах пред средба со корејските власти

Помалата ќерка на Чо Јанг-хо, Чо Хјун-Мин, која е маркетинг директорка во авиокомпанијата, е под истрага од полицијата за напад откако на еден човек му истура вода во лице за време на состанок.

Четири години постарата Чо Хјун-ах, стана глобално позната за тоа што избрка еден член на посадата на авион откако и биле послужени апетисани во кесичка, наместо во чинивче.

„Како претседател на Кореан ер, и како татко, ужасно се чувствувам за недораснатите постапки на моите ќерки. Сè е моја вина и моја грешка. Сакам за ова да им се извинам на луѓето,“ порачал Чо Јанг-хо во својата изјава.

Полицијата минатата недела објави дека започнува истрага за помалата ќерка околу инцидентот од состанокот. 34-годишната Хјун-Мин во меил на сите кои работеле со нејзе им се извини за нивното однесување, меѓутоа негираше дека некому фрлила вода.

Во инцидентот со апетисаните од 2014, Хјун-ах, тогаш потпретседателка на компанијата, присилила две стјуардеси да клекнат на колена и да ја молат за прошка во авионот кој се подготвувал да лета од Сеул за Њујорк. На едната и дозволила да остане, додека другата била исфрлена пред полетување. Хјун-ах за ова заврши во затвор, и одлежа казна од неколку години по што во март годинава се враќа како директорка на еден од партнерските хотели на Кореан ер.

23 април 2018 - 11:24