„Соединетите држави се претерано растегнат хегемон, со одбранбена стратегија која е вон баланс со надворешната политика што ја поддржува.
Првата година на Бајден веќе покажа колку е тешко да се менаџира непослушен свет кога Вашингтон има повеќе одговорности - и непријатели - отколку што има принудни мерки. На долг рок, суперсилата која не успева да ги одржи своите ветувања во баланс со своите капацитети може да плати уште потешка цена,“ пишува Хал Брандс во Форин афеарс.
При доаѓањето на власт главната мантра да Бајден е да не дозволи малите проблеми да го дефокусираат од големиот - Кина, која се смета за единствен вистински конкурент.
Овој предизвик станува уште поголем како што Кина почна поактивно да ровари низ Азија, и конкретно околу Тајван. Кога Бајден влегува во Белата куќа, военото раководство на САД јавно го предупредуваат дека Кина би можела да изврши инвазија на Тајван до 2027.
Бајден дури и се откажа од американското противење на Северен тек 2, во надеж дека тоа ќе го олесни придобивањето на наклонетост на Германија околу справување со Пекинг.
На домашен терен тој ја продолжи одбранбената стратегија на Трамп (која своевремено беше голема промена) на „беспоштедно подготвување за конфликт со друга голема сила - конкретно Кина - дури и ако тоа значи прифаќање на ризици во други региони“. Пентагон во 2021 дури и повлече стратешко вооружување од Блискиот Исток, како ракетен одбранбен систем и започна со долгорочни буџетски инвестиции за да се приоретизира Кина.
„Без сомнеж Бајден е во право дека предизвикот од Кина е поголем од кој било друг, и покрај нерешените дебати во Вашингтон за тоа кога тој предизвик ќе стане најсериозен,“ пишува Брандс.
Вашингтон беше дефокусиран со повлекувањето (падот) на Авганистан, кое создаде стратешка и хуманитарна криза, која е веројатно дека во скоро време повторно ќе го опседне дневниот ред во САД.
Не толку сериозно како Кина, меѓутоа односите на Вашингтон со Русија и Иран исто така тргнаа на полошо. Од една страна Иран зазема радикална позиција на новите преговори за нуклеарен договор, откако претходниот беше укинат од Трамп. Од друга страна Русија се сомничи дека овластила или барем одобрила сериозни сајбер-напади врз критична американска инфраструктура, плус притисокот од руската војска на украинската граница кој не прекинува и се толкува како најава за инвазија на Украина.
Руското ветување за мир доаѓа со услов до САД за признавање на руската сфера на влијание и повлекување на военото присуство на НАТО во Источна Европа.
Бајден го наследи проблемот со намалената глобална сила на американската армија, која низ годините од „стандардот за две војни“ (армијата во секое време да има капацитет да води две војни на различни страни од светот), премина на „стандардот еден плус“ (поразување на еден силен противник и спречување или наметнување неприфалива цена за вториот).
Проблемот тука е што ако во годините по Студената војна САД главно се грижеше за Персискиот залив и Корејскиот полуостров, случувањата во последниве години (ИСИС, Русија-Украина, Кина-Тајван, Авганистан) покажуваат дека сега американските сојузници и интереси се под закана во неколку региони одеднаш.
Стандардот за две војни се фокусираше „на држави со второкласни армии“, а денес проблемите доаѓаат од речиси еднакви противници како Кина и Русија, кои имаат армии на највисоко светско ниво, плус нивната предност е што овие судири би се воделе во нивното геополитичко соседство, а не во американското.
Процените се дека за да ја порази Кина во случај на напад на Тајван, или Русија во случај на инвазија на Балтикот, САД ќе треба за кој било од овие судири да го ангажира најголемиот дел од своите борбени капацитети, како и целосните воздушни и поморски капацитети.
„Сепак одбранбената стратегија од 2018 беше признание дека се премногу растегнати: САД би можел да се фокусира на својот примарен предизвик само ако ги намали капацитети за фокусирање на другите предизвици. Ова ограничување е сржта на проблемот што Бајден го наследи, и доаѓа со некои сериозни импликации,“ објаснува Брандс.
Процената на Брандс е дека најочигледната опасност за САД би била да треба истовремено да води војна против Кина и Русија. Заради што САД би требало да одлучат до каде би се толерирала руска агресија во Источна Европа, или пак провокации на Иран на Блискиот исток. Па ако американскиот претседател знае дека на Пентагон ќе му биде потребно сè што има за „премногу веројатниот судир со Кина“ тогаш тој треба да биде помалку склон кон користење сила против Иран или Русија.
„И тука лежи вториот проблем: губењето на дипломатското влијание во ситуации на чекор од војна. Од кризите со Тајван и Украина на почетокот од 2021, дел од аналитичарите шпекулираат дека Путин и Ши Џинпинг ја координираат својата соработка на начин кој му се заканува на Вашингтон со војна на два фронта.
Реалноста е дека таква координација и не е нешто посебно неопходна за да се профитира од растегнатоста на САД.
Лидерите во Москва и Техеран гледаат дека САД и онака воено се премногу тенко растегнати и волни повеќе внимание да посветат на Кина. Ова нив ги поттикнува да вршат поголем притисок врз Вашингтон во надеж дека ќе имаат успех на штета на зафатената суперсила. Како што пишува експертот за Русија, Мајкл Кофман, стратегијата на Путин за користење воена присила за ревидирање на поредокот во Европа кој настана по Студената војна се базира на неговото верување дека ’поголемата закана од Кина’ со тек на време ’ќе го присили Вашингтон на компромис и нови преговори.’ Колку поинтензивно е фокусиран на Кина, толку ќе биде повисока цената што САД ќе бидат волни да ја платат на друго место,“ пишува Брандс.
Тој потсетува дека „историски, прерастргнатите суперсили на крај се соочуваат со тежок избор за тоа како да го покријат гапот меѓу нивните ветувања и нивните капацитети.“
„Администрацијата на Бајден на крај може да ја реши оваа дилема со менаџирање на тензиите со Иран, Русија и другите предизвикувачи, додека истовремено ги поттикнува сојузниците во Европа и партнерите на Блискиот исток да преземат поголема одговорност во сопствената одбрана. Ова е разбирлив инстинкт...
... Со тек на време светот ќе ја казни суперсилата што дозволува нејзиниот стратешки дефицит премногу долго време да расте премногу голем,“ порачува Брандс.