Германскиот Зидојче Цајтунг во тајна соработка со 100 медиумски партнери (каква е таа тајна во која учествуваат 100 медиуми?) ја обелодени аферата Рајски документи, базирани на 13,4 милиони доверливи документи (1,4 терабајти податоци) протечени од два сервисни провајдера кои работеле со 19 даночни раеви (дали уствари е можна множина од рај?).
Епл, Фејсбук, Убер, Најк, Волмарт, Сименс, Мекдоналдс, Јаху....Никол Кидман, Герхард Шредеер, Весли Кларк, Рекс Тилерсон, Пол Ален, Карлос Слим, Боно, Мадона.... успеале да избегнат плаќање на милијарди долари даноци работејќи со офшор компании кои за тоа и служат.
Не дека нема таму интересни детали: за компанијата која го менаџира имотот на на британската кралица, за лајавиот глобален праведник од U2 кој преку малтешка фирма купувал Трговски во Литванија, за првиот човек за донации на канадскиот премиер, а допрва ќе се откриваат нови пикантерии.
Но, што е тоа толку чудно кога за тоа се знае со години? Финтата е што денес е најлесно да се морализира. Неспособноста за соочување со вистинските коренити проблеми на стагнантната и непродуктивна економија, политичките и медиумските елити ја заменуваат со морални есеи. Бидејќи никаде ги нема марксистите за уверливо да проговорат за системските фалинки на капитализмот, кризата се префрла на индивидуалната алчност и себичност што повлекува траљаво решение - осуда на однесувањето на поединци.
Иницијално први на удар беа банкарите но потоа осудата ги зафати генерално богатите, биле себични, сакале да си го задржат богатството за себе, неубаво тоа.
„Проблемот со морализацијата на економската криза, тенденцијата да се осудуваат индивидулните постапки наместо справување со историски најниските нивоа на економска продуктивност е тоа што нè спречува да дојдеме до вистинските решенија. Наместо да ги истражуваме начините на кои економските услови можат да се консолидираат и да се придвижат деловите не економијата кои го зголемуваат богатството, политичките и медиумски елити намерно го затрупуваат просторот со тоа кој колку платил данок“, пишува Тим Блек.
Се разбира, нема ништо морално благородно во неплаќање даноци и никој тоа не го оправдува, без разлика дали е легално. Но, од друга страна, нема ништо морално благородно ни во максимизирање на сумата која ѝ ја плаќаш на државата. Тоа маестрално го има дефинирано Џорџ Орвел, уште за време на Втората светска војна.
„Кон државата не чувствувам никакви скрупули и би избегнал да платам данок ако би го можел тоа. А јас сум човек кој би го дал својот живот за Англија, доколку проценам дека тоа е неопходно. Никој не е патриот кога се зборува за даноци“.