Во следните неколку месеци луѓето од Европа наутро ќе имаат повеќе дневна светлина (ама затоа побрзо ќе им се стемнува) за во април часовникот повторно да се помести еден час напред (кај нас по медиуми тоа задолжително се вика поместување на стрелките, мислиш дигитален саат немаме видено).
Ваквиот ритуал трае со децении но Европската комисија неодамна предложи со тоа да се прекине и секоја земја за себе да реши кое време ќе го одбере. Тоа би можело да биде последната голема одлука на овој состав на комисијата и нејзиниот водач Жан Клод Јункер на кого времето не му е никаков проблем бидејќи човекот секогаш е две чашки пред сите.
Ставот на ЕК произлегува од испитувањето на мислењето во ЕУ по кое мнозинство луѓе сакаат да престане поместувањето на часовниците а повеќето од нив сакаат да се задржи летното сметање.
Европа наскоро би можела да се претвори во временски колаж. Естонија, Латвија и Литванија кои по временска зона се еден час пред повеќето европски земји, преферираат трајно останување на летното сметање. Словачка сака да остане зимското време а Португалија пак, часовниците и натаму да се поместуваат два пати годишно.
Во моментов во ЕУ постојат три временски зони. 17 земји се водат по средноевропско време (CET) кое во летно време станува летно средноевропско време (CEST). Еден час понапред од таа група се осум земји на истокот од Европа, од северните балтички и Финска, до јужните Грција, Кипар и Бугарија (зона која нам ни е поприродна бидејќи по географска должина сме поблиски со нив отколку со Љубљана и Брисел). Три земји пак, Британија, Португалија и Ирска, се еден час во минус од средноевропското.
„Досега да немавме ритуал на поместување на часовниците и некој сега да ни дојдеше со таква идеја, ќе му кажевме дека е луд,“ вели портпаролот на Европската народна партија, Петер Лизе.
Германија најверојатно ќе се реши на задржување на летното време. Македонија се нема изјаснето бидејќи од неа никој и онака не очекува да се изјаснува.