Поисплатливо е да се плати за затворање на даночните дупки отколку вака да се продолжи

Даночните приходи што ги губат државите на ЕУ се неколку пати поголеми отколку ќарот што го вадат членките на Унијата што овозможуваат избегнување данок.

Главни осомничени за ваква пракса се Луксембург и Малта. Првите имаат данок на профит од 5%, вторите имаат данок на профит од 35%, со тоа што прават повраток на 85% од платениот данок (за компаниите што парите ги направиле вон Малта).

Од една гледна точка заради ваквото простување  Малта во 2015 има изгубено околу 1,7 милијарди евра. Вкупниот буџет им е 3 милијарди евра. Од друга гледна точка, заради ваквото простување тие истата година од даноци имаат заработено 248 милиони евра, кои веројатно никогаш не би дошле во буџетот на Малта да не е даночното олеснување.

Ни Луксембург не си проаѓа полошо, па минатата година пријави раст на економијата од 4%, а годинава се очекува уште 3,4%, сами по себе неверојатни бројки во финансиската сфера.

Ваквите економски чуда не би биле ни приближно возможни без даночен режим кој привлекува бизниси што инаку би заминале на друго место. Па заради нискиот данок, на Луксембург отпаѓаат 40% од странските директни инвестиции во ЕУ.

Како што објаснува колумнистот на Блумберг, Леонид Бершидски, иако е фер да им се дозволи на Малта и Луксембург да привлекуваат големи корпорации со ниските даночни стапки, затоа што заради својата големина и немаат нешто многу да понудат за продажба, не е фер што целата европска заедница губи голем дел од потенцијалните приходи.

Неговиот предлог е дека земјите на ЕУ можат слободно да си дозволат да им платат по 250 милиони евра (заработената сума од даночното олеснување) на Малта и Луксембург за затворање на даночните дупки, и за возврат да ги соберат 2-те милијарди евра во данок кој им бега заради олеснувањата во овие две држави.

1 јуни 2017 - 16:29