Исходот на Брегзит, некои културолошки паничари го протолкуваа како назаден крик на националниот идентитет кој ќе го претвори островот во досадно, затворено и сиво место во кое ќе има саде дуќанчиња за англиски пити и чипсови.
„Добар дел од тоа беше гола политика. Поврзувањето на Брегзит, одлука на суверен народ да напушти една бирократска структура, со британскиот национализам, беше лесен начин да се потцени исходот од референдумот. Всушност, секое противење на Брисел, без разлика дали доаѓа од Тереза Меј или од ториевците, автоматски се толкува како ксенофобија. А јасно е дека оние кои гласаа за Брегзит, не дека не сакаат да бидат омаловажувани од странци,, туку не сакаат да бидат омаловажувани од кого било“, пишува Том Слејтер, заменик уредник во Спајкд.
По него, пост-брегзит паниката околу некаков растечки национализам е резултат на долговековен срам околу некои аспекти на британскиот национален идентитет. Како што покажува историјата тој е нераздвоен дел од историските криминали на Империјата. Крстот на Сент Џорџ со децении беше поврзан со скинхеди и битанги од Националниот фронт, а земјата неодамна ја прослави 50 годишнината од Имигрантскиот акт на Комонвелтот, документ кој во суштина е многу расистички.
Чудно е што таа грижа околу национализмот е потентна во време кога во неговата класична форма (крв и територија) тој постои само на маргините.
„Прашајте некого што значи да си Британец во 21 век и нејверојатно ќе ви зборува за навики, мани, спорт, ферплеј... (детално објаснето во серијата Very British Problems- н.з.). Дури и популарноста на кралското семејство има повеќе врска со популарноста на реалните шоуа отколку со некакви традиционални сентименти.
Нациите се „замислени заедници“, како што ги дефинираше Бенедикт Андерсон, но и таа замисленост повеќе служи на човека да му даде чувство на припадност, отколку да дискриминира.
Без да негира што етничкиот шовизинам има направено во Европа во 20-от век, Слејтер смета дека повикувањето на националниот идентитет не мора автоматски да значи реакционерство.
„Иако нациите знаат да заглават во сопствени истории и митови, тие обезбедуваат основа различни групи да се измешаат, да најдат заедничка основа и да создадат нова заедница. Во „Лавот и еднорогот“ Џорџ Орвел порачуваше дека „патриотизмот е спротивност на Конзервативизмот“, бидејќи значи посветеност на нешто што постојано се менува.
За разлика од македонските штеточини кои силеџиски ја претворија Македонија во двојазична земја, британскиот случај е кристално јасен: главното врзивно ткиво на денешниот британски национален идентитет е - англискиот јазик. Статистиката вели дека огромно мнозинство од не-бели етнички групации кои живеат во Британија го опишуваат својот национален идентитет како британски, англиски, шкотски или велшки. Меѓу нив и 85 односно 80 проценти од црните или пакистанските Британци.
Критериум број 1 кој луѓето го наведуваат за тоа „што значи да се биде Британец“ е служењето со англискиот јазик.