На Украина ѝ е битно да ја бојкотираме Оревокршачката

Oфицијален Киев бара oд западните сојузници да ги бојкотираат руските уметници и автори, и тоа не само оние кои го поддржуваат Путин. Со оглед на тоа што Оревокршачката е божиќна класика а картите наголемо се продаваат, Украина добива одговор: ај може следниот Божиќ навреме ќе ни кажете што да правиме.

Украинскиот министер за култура, Олександр Tкаченко, бара од западните сојузници да ги бојкотираат руските уметници оценувајќи дека Путин ја користи националната култура како алатка па дури и оружје за напад на либералните вредности при исполнувањето на својата агенда.

Ткаченко предлага, првпат украински функционер јавно да повика на културен бојкот, „не да се укине туку времено да се паузира Чајковски, додека трае крвавата руска инвазија“. 

Забраната, според него, треба да важи за сите руски уметници, а не само за оние што го поддржуваат актуелниот претседател. 

„Украина веќе ги забрани руските композитори. Ги повикуваме нашите сојузници да го сторат истото“, напиша О. Ткаченко во Гардијан.

Паузирањето на Чајковски е задоцнета идеја, со оглед на тоа што неговата „Оревокршачка“ е главен лампион во божиќниот репертоар на американските театри. Божиќната еуфорија во САД само што не почнала, а тоа е време кога граѓаните сакаат да потрошат. 45% од сите продадени карти во Њујоршкиот балет одат токму во петте недели додека традиционално, секоја зима, се игра гореспоменатата претстава.  

И покрај украинските надежи, Стравински, Шостакович и Рахмањинов и годинава се на програмата во Њујорк, Чикаго и Бостон. Кандински и Марк Шагал не се симнати од Националната галерија и Гугенхајм, а руска литература и понатаму се наоѓа на полиците на американските библиотеки. 

Ставот на повеќето интернационални културни институции е дека не би вработиле луѓе блиски до Кремљ, но се опираат на обидите за цензура на автори.

„Иронично е тоа што оние кои реагираат на војната во Украина со агресивна и дискриминирачка забрана на автори и дела само затоа што се руски, оддаваат исти националистички ставови како и оние што ја предводат руската инвазија“, забележува професорот по руски студии на Универзитетот во Пенсилванија, Кевин Плат, во Њујорк тајмс.

15 декември 2022 - 15:55