Пред осум години Дамбиса Мојо ја објавува книгата Dead Aid, во која главното прашање е: "Зошто 1000 милијарди долари хуманитарна помош за јавен развој во изминатите 50 години не го подобри животот за најголемиот дел од Африканците?"
Мојо е замбиски економист кој минува низ Оксфорд и Харвард, и е поборник за постепено напуштање на моделот на хуманитарна помош за развој на кој отпаѓаат речиси 15% од БДП-то на Африка. Според Мојо, и голем број други економисти, овој модел има мноштво негативни нус-појави:
"Искривување на конкуренција, корупција на владејачката класа, обемна бирократија, па дури и поттикнување на етничките тензии предизвикано од поделбата на 'пленот'."
На ова само се надодава тоа што помошта која доаѓа во форма на грантови или субвенционирани заеми, само го зголемува долгот на земјите на кои треба да им помогне.
"Иако во најголем дел беше оформена според Маршаловиот план, масовната американска помош за закрепнување на Европа по Втората светска војна, во Африка оваа стратегија беше неуспех колку што Маршаловиот план беше успех во Европа.
Континентот не успеа да излезе од сиромаштијата или во изминатите неколку децении да изгради инфраструктура неопходна за сопствен развој. Во меѓувреме во Азија, посебно Кина и Индија, има постојан пад на стапката на 'екстремна сиромаштија,' додека во под-сахарска Африка таа се уште се движи на околу 35% од популацијата," пишува Жак Убер-Родие во текстот за Лес Еко.
Гледајќи дека нешто не функционира во врската, самите донатори одлучуваат да ја сменат тактиката па наместо директно давање пари и помош на владите, тие се вртат кон ко-финансирање на приватни инвестиции.
Втора работа што сериозно ја менува досегашната состојба на континентот се и големите инвестиции на Кина и Индија во Африка, за чие пристигнување главен предуслов е земјите да престанат да зависат од меѓународна помош.
До крајот на векот популацијата во Африка се очекува да порасне од 1,2 милијарди на 4,4 милијарди луѓе.