Уште самата вечер на пучот Ердоган имаше одличен сетап: секоја голема опозициона партија се изјасни против државниот удар, армијата и нејзиното раководство беа против државниот удар, медиумите беа против (дури и оние што беа најкритични кон Ердоган), меѓународната заедница беше против, и најважно народот беше против. Ваквиот момент Ердоган можеше да го искористи за да им ги покаже на своите граѓани "вредностите на демократските, наспроти воените, решенија на политичките конфликти," за да нагласи дека и покрај партиските разлики, најголемиот дел од Турците споделуваат посветеност кон демократијата.
"Меѓутоа ова не се случи, и нема да се случи. И има добра причина зошто: Иако ваквите потези можеби се добри за Турција, тие не се добри за самиот Ердоган," анализираат Де Мескита и Смит во текстот за Атлантик.
Тие објаснуваат дека прво треба да се раздели дали владеењето некој го перципира како посветеност на демократски идеали со цел унапредување на сопствената држава и народ, или освојување и задржување на власт што е можно подолго.
Ако побудата е ова второто, тогаш демократијата не ти е од корист, и главна задача ти е да бидеш зависен од лојалноста на што е можно помалку луѓе, со што станува далеку полесно да ги усреќуваш твоите симпатизери, а со тоа неограничено да ја држиш контролата на власта.
"Ако кај Ердоган успехот е задржување на власта, тогаш тој го има избрано најдобриот можен одговор: апсење, притвори, или отпуштање на оние кои учествуваа во пучот, заедно со голем број негови противници.
Тој веќе обвини над 20 високи армиски офицери за предавство и направи чистка на над 60.000 припадници на полицијата, судството и јавните служби. За него, единствено вистинско прашање е колку чистка ќе биде премногу," пишуваат двајцата новинари.
Општиот впечаток е дека политичките чистки се кратковиди, а дека во случајот со Ердоган ваквата чистка ќе резултира со илјадници војници и јавни службеници кои ќе останат без работа и ќе бидат активна опозиција на неговото владеење.
"И стварно моментална чистка не изгледа добро за Турција на долг рок. Меѓутоа за лидери како Ердоган, долгиот рок не е подалеку од некоја следна закана. По овој автентичен, иако неуспешен, обид тој одвнатре да биде соборен од неговата војска, Ердоган очигледно насекаде гледа закани. Најдобар начин за ова да се потисне е нив да ги изолира, па дури и елиминира каква било опозиција," се објаснува во текстот.
Тие прават разлика на три типа владетели. Првиот е диктатор како Ким Јонг Ун, кој може што сака да прави. Вториот тип се ликови како Меркел и Трудо, кои не се во позиција да направат каква било чистка. Третиот тип се "лидери на квази-демократии како Турција, Русија, Венецуела, Иран, Украина или Пакистан, кои можат да си дозволат ваква чистка."
Сметајќи по рокот на траење, на автоктратите навистина им се исплати нивното однесување и имаат два пати подолг стаж отколку просечниот демократски лидер. Правилото е дека ако тие ги преживеат првите неколку години, тогаш не паѓаат од власт се додека не ги собори болест или старост.
"Со излегувањето на улиците по апелот на Ердоган, турскиот народ откри дека повеќе претпочита сериозно оштетена демократија, отколку воопшто немање демократија. Заради што и ќе добијат сериозно оштетена демократија. Давањето на повеќе демократија само ќе им наштети на идните шанси на Ердоган да остане на власт; заради што малку е веројатно дека сега ќе се либерализира. Наместо тоа, најверојатно е дека тој ќе ја прошири чистката, и дополнително ќе ја оддалечи Турција од демократско владеење. Замената на воените елити со негови послушници ќе ја намали заканата од идни преврати. Отстранувањето на независните судии ќе им отежни на новинарите критички да пишуваат за корупцијата на власта без да завршат во затвор," објаснуваат Де Мескита и Смит.