И Париз и Лос Анџелес со ова му се приклучуваат на Лондон како 3-кратен организатор на Летна олимпијада, а француската престолнина ја има и честа да биде домаќин на Игрите што ќе се одржат на 100-та годишнина од првите модерни Олимписки игри.
Поважно од историската тривија е што со ова МОК ја има покриено организацијата на следните 3 летни Олимпијади (ако го броиме и Токио 2020), што им стана критично имајќи ги предвид откажувањата на неколку градови кандидати (Будимпешта, Рим, и Хамбург) додека уште траеше процесот на избирање.
И двата града веруваат дека заради постојната инфраструктура ќе ги избегнат баснословните трошоци што последниве деценија и кусур го следеа организирањето Олимпијада.
Според тимот на Лос Анџелес во градот веќе постојат или привремено ќе бидат поставени 97% од потребните терени и сали. Тие очекуваат трошокот за организација да изнесува 5,3 милијарди долари кои ќе бидат покриени од спонзорства, продажба на влезници и останати приходи.
Во Париз единствен стадион што ќе биде изграден за потребите на игрите ќе биде новиот акватички центар, кој ќе се користи за натпреварите во пливање и скокови. Центарот се очекува да чини 123 милиони долари и ќе биде платен од јавни фондови.
Париз исто така планира изградба на 1,44 милијарди долари вредно олимписко село покрај реката Сена. Лос Анџелес проблемот со олимпиското село ќе го решава со адаптација на кампусот на Универзитетот Калифорнија, Лос Анџелес, за што имаат наведено трошок од 33,6 милиони долари.
Со добивањето организација Париз ја прекинува низата од 3 неуспешни номинации за 1992, 2008 и 2012, а Лос Анџелес конечно им носи Олимпијада на САД по неуспешните номинации на Њујорк за 2012 и Чикаго за 2016.