Тестовите не се решение на проблемот, тестовите СЕ проблемот

Со години сум сведок како стандардните тестови го гушат духот на учениците, внесуваат стрес во семејниот живот, ги деморализираат наставниците, ги потценуваат училиштата, ја парализираат образовната дебата и ја поткопуваат идната компетитивност на оваа земја, вели авторка која долго се занимава со оваа проблематика.

Тестирањата влегоа на големата врата во американскиот образовен систем на преминот во новиот век, во рамките на федералниот програм "No Child left behind" кога заради повнимателно следење  на успехот на учениците, се воведоа тестови по математика и читање уште од трето одделение.

Денес сеприсутните тестови во сите нивоа на образованието е бизнис вреден две милијарди долари кои го држат неколку компании зад кои стојат некои од најбогатите луѓе во Америка.

Стандардизираните тестови не само што ја одредуваат судбината на учениците туку се и пресудни за кариерите на професорите, рангот на училиштата и угледот на општините.

Таквиот нивен "импакт фактор" води кон една сериозна грешка во системот кој во психологијата е познат како Законот на Кемпбел а вели: "Кога мерењето станува цел сама по себе, тогаш тоа престанува да биде добрa мерка".

Со други зборови, ако луѓето ги напнете со постигнување некоја бројка, таа бројка ќе им стане единствена цел.

"Со самото нивно влегување во училиштата ние на децата им го сведуваме целото учење и развој на тријаголникот рака-очи-мозок, занемарувајќи го остатокот од телото, умот и душата. Ги проверуваме по математика, мајчин јазик, историја и наука и ги мериме само по тоа. Емотивниот, социјалниот, моралниот, креативниот и физичкиот развој стануваат маргинални димензии" вели Ања Каменец, автор на книгата "Зошто нашите училишта се опседнати со стардардизирани тестови, а не мора да е така."

На овој начин, вели таа, преку тестовите и пресудната улога што им се продава, комплексниот образовен процес се подредува на една стара бизнис максима која гласи "Не го менаџирај она што не можеш да го измериш."

 

11 јануари 2015 - 11:54