Рио не беше сјаен ниту за време на Игрите, меѓутоа за само 6 месеци целиот олимписки комплекс заличи на пост-апокалиптична сценографија (ѕирнете тука). Иако бламот за време на игрите не беше предвиден и рокот на распаѓање им е прилично краток, генерално тоа не беше неочекувано бидејќи истата приказна се повторува кај секој град домаќин на Олимпијада, "затоа што побарувачката за врвен велодром е предвидливо ниска".
"Олимпијадите се меѓународно најпочитуваната измама за перење пари. Земјата домаќин не му плаќа на МОК за одржување на игрите. (Тоа би било поткуп!) Наместо тоа, домаќинот троши налудничави суми на пари за изградба на инфраструктурата, а ИОК заработува налудничави суми на пари од продажба на меѓународните телевизиски права од игрите и продажба на лиценци за името и логото на спонзори. Хипотетички домаќинот ги враќа парите во текот на следните децении од одржување на спортски настани на своите стадиони," пишува Роџер Шерман во Рингер.
Како што објаснува тој проблемот во ова партнерство настанува ако вториот дел од договорот не се оствари- ќе ги извадите парите со тек на време - МОК нема никаква загуба бидејќи тие веќе ги имаат собрано своите пари.
Доброто во целата ситуација е тоа што откако некои од најголемите светски метрополи искрвавеа од организирање на Игрите, сега за ЛОИ 2024 останаа само два града кандидати, Париз и Лос Анџелес, откако минатата недела и Будимпешта се откажа од својата кандидатура. Откажувањето на Будимпешта следеше откако од потребните 138.000 потписи против организирање на Игрите, беа собрани 266.000 потписи. Будимпешта е седмиот град во последните два избора за домаќин на ЛОИ чија кандидатура е повлечена заради референдум.
"Би можеле да избереме еден град - Олимписки град! Тој ќе биде почитуван од спортистите низ цел свет. Или би можеле турнирот во кошарка да го одржуваме во Њујорк, атлетиката во Париз, а пливањето во Пекинг, и настанот нема да биде ништо помалку посебен. Нема да го видиме Коби Брајант како од публика го гледа Фелпс на 100 метри, ама тоа изгледа како мала жртва. Или би можеле сите игри да ги одржиме во ист град, меѓутоа да ги рашириме олимписките настани низ календарот. Во април да биде турнирот во одбојка, а во мај гимнастиката. Градот така може повеќекратно да искористи една сала, наместо да гради неколку, и на секое спортско достигнување ќе му дадеме комплетно внимание наместо да ги трупаме еден на друг.
Наместо тоа, целата работа се прави во исто време и ротира низ планетата - формат кој е останат од поинаква ера, кога светот беше помалку поврзан, спортовите не беа индустрија од милијарда долари, и не требаше нов стадион за секој настан. Мислам дека ИОК го прави ова затоа што мисли дека организирањето на Игрите на различно место на секои четири години ги прави да изгледаат по интернационални и глобални. Комитетот се гледа себеси како некој што ги спојува различните делови од светот во присуство на Олимпијадата, и не му е гајле дека тоа го прави осудувајќи ги неподготвените градови на финансиски колапс," пишува Шерман.