На интернет ќе најдете полно „сеќавања“ дека Нелсон Мандела починал во затвор во 80-тите, наспроти фактот дека човекот поживеа до 2013 година, напуштајќи го во 90-та долгогодишниот затвор за да (се разведе и) стане првиот црн претседател на Јужна Африка.
“Гласине се брзо шире а кад пукну ту је крај“, пееја Идоли во времиња кои, во информативна смисла, во однос на денешницата, беа блажена идила. Кога денес 'ќе пукне', тоа стигнува до сите а без разлика што подоцна се утврдило, тоа првото такво и ќе остане бидејќи на интернет нема кој да чисти после луѓето. И така, некој ќе се заинтересира за Мандела и ќе дознае дека „умрел некаде во 80-тите“...
„Експанзијата на интернет дезинформациите, како што неодамна беа широко распространетите лажни вести, имаат потенцијал да ја дисторзираат индивидуалната и колективната меморија на многу вознемирувачки начини“, вели психолог од Кембриџ.
А историјата е конструкција, пишувана не само од победниците туку и од колективната меморија и сеќавањата на групите.
Групата силно влијае во обликувањето на поединечниот светоглед. Во експеримент во Израел, на група волонтери им бил пуштен документарец по што пополнувале прашалник за впечатоците од него и нивните оценки за она што го виделе. По една недела им било побарано повторно да го пополнат прашалникот, но откако виделе што напишале другите во групата. Вторите резултати се разликувале од првите, во правец на синхронизирање со групата.
Колективната меморија на две групи, за потполно истите настани, може да биде значајно различна. Палестинците, на пример, кои живеат во Израел, и оние од Западниот брег имаат различни верзии на настаните во последните 3-4 децении, иако припаѓаат на иста етничка група. Исто е и со Германците кои живееле од двете страни на Берлинскиот ѕид.
Колективната меморија исто така е селективна. Најголем број на Европјани имаат одлично познавање на војните во 20 век, а сепак многу мал број знае за Шпанскиот грип кој одзел повеќе животи отколку војните.
Дополнително, секоја генерација фрла во канта настани кои некогаш важеле за битни. Се проценува дека Хари Труман до 2040 година ќе биде заборавен исто како што денес е заборавен Вилијам МекКинли.
Балканот пак е енциклопедиски пример за различни и крајно спротивставени колективни сеќавања и истории. Од бенигниот пример во документарецот „Чија е таа песна?“ па до многу покрвави разлики. Речиси и да не можете да најдете некој кој е херој за едни а истиот да не е џелат за други. Добронамерни странци истурија куп пари во овој регион за да се помират тие разлики или барем да се контекстуализираат (да се стават во историја). Па сепак го имате оној цреп Зијадин Села кој денес е градоначалник на луѓе за кои мисли дека немаат идентитет. И безброј други примери, нормално.
Којзнае како ќе изгледа оваа дивергенција кај генерацијата која расте деновиве, што од сето ова ќе преживее и како ќе им изгледа. Ќе зависи од тоа како и во кои услови ќе растат, какви ќе бидат социјалните мрежи во кои ќе се движат, што ќе одекнува во нивните информативни меури и какви предизвици ќе им донесе нивното време.
Ама барем ќе можат (што вика Милчо) да го отворат „стариот добар Офф.нет“ и да дознаат што некогаш читал подобриот, поубавиот и попаметниот дел од Македонија.