Наспроти она што го вели основачкиот документ на холандската република од 1579 "сите ќе бидат слободни по религиозна основа, и никој не може да биде прогонуван и испитуван заради религија", позицијата на првиот човек на Партијата на слободата е "Исламот и слободата не се компатибилни".
До сега во резимето на Вилдерс има: кампања за забрана на Куранот, затворање на џамиите во Холандија и стопирање на имиграцијата од доминантно муслиманските земји. За тие што не се уверени во неговата намера, на главната слика на неговата Твитер сметка со големи букви е испишано СТОП ИСЛАМ.
"Необичниот пат на нацијата од 'живеј и остави да живеат' до 'Да ја направиме Холандија повторно наша' (како што Вилдерс неодамна изјави) како свој патоказ има изменета дефиниција на толеранцијата, во некои случаи политички опортунизам - и неколку ужасни атентати," пишува Зак Паролин во Атлантик.
Како што тој објаснува, историски холандскиот тип на мултикултурализам повеќе е "мешана салата" отколку "претопување" (на расите). Секоја група отсекогаш имала свои сопствени школи, медиуми, и друштва; а толеранцијата е акт на почитување на овие граници.
"Историски, холандската толерантност повеќе е прагматична стратегија. Толеранцијата беше начин за спречување на несогласувањето и компликациите," објаснува професорот по урбана социологија на Универзитетот во Амстердам, Јан Рат.
Оваа логика е употребена и во 1960-те кога турските и мароканските мигранти масовно влегуваат во земјата. Во тоа време масовниот недостаток на работна сила ја тера холандската влада да пречека илјадници и илјадници работници.
Првично е планирано тие да бидат привремени работници кои ќе чистат нафтени танкери, ќе работат во железарите и ќе метат улици. Меѓутоа кога почнува нафтената криза во 1973-та, привремените не се враќаат назад, напротив, во Холандија пристигнуваат и нивните семејства, кои ги искористуваат холандските закони за обединување на семејствата, за останување во земјата.
Муслиманските заедници брзо растат во и околу работничките населби во холандските градови. Паралелно со ова се одвива и процес на отворање на холандското општество, и почнува да доминира нов тип на "холандска толеранција - базирана на родова еднаквост, геј права, слобода на говорот, и заштита на културолошките и етничките малцинства".
"Последната од овие мерки на големо ги штитеше холандско-муслиманските заедници од дискриминација од оние кои веруваа дека Исламот е спротивен на општествено прогресивниот пат на нацијата," пишува Паролин.
Како што објаснува Рат, во 70-те и 80-те години од минатиот век постои растечко незадоволство од муслиманските заедници, "меѓутоа партиите го почитуваа принципот дека не е во ред да се водат политички битки околу присуството на имигрантите. Затоа што не е во ред да се користат малцинствата за да постигнеш некаква политичка поента."
Сето ова се менува по 11-ти септември, кога "латентниот неспокој кон турските и мароканските заедници се претвора во отворена недоверба кон Исламот".
Како што почнува да крчка сомнежот кон Исламот, како два водечки гласа против туѓата религија се наметнуваат Пим Фортеин и Тео Ван Гог. Првиот е гласен и отворен геј политичар, кој го објаснува Исламот како назаден и дека со закон треба да се забрани влезот на муслимански мигранти во земјата.
Вториот, правнукот на братот на Винсент Ван Гог, е филмски режисер кој е радикален поборник за слободен говор. Тој заедно со еден холандски политичар со сомалиско потекло го снима 10-минутниот филм Покорност, во кој стихови од Куранот се испишани на голи женски тела. Авторите тврдат дека целта на видеото е да се нагласи проблемот со насилството врз жените во исламските заедници.
Фортеин беше убиен од активист за права на животните, кој бил гневен затоа што политичарот ги искористувал "слабите делови од општеството". Тој испукува пет куршуми во главата и грбот на Фортеин, на пет дена пред општите избори во 2002. (Ова е прв политички атентат во земјата од 1672.)
Во 2004 беше убиен Тео Ван Гог. Тој со велосипед вози кон своето студио во Амстердам каде го привршува филмот за животот на Фортеин. По пат, 26-годишен Мароканец, исто така на велосипед, го застрелува. Како што Ван Гог моли за живот, напаѓачот истрелува уште неколку куршуми во него, а на неговото тело со нож закачува список на идните жртви.
"Убиството на Тео Ван Гог беше вистинската пресвртница. Тој ја претставуваше новата анти-религиозна лева идеологија која беше дел од 1960-те и 1970-те. Голем број луѓе дури и од левицата, беа на став дека муслиманите претставуваат проблем и опасност за отворено општество какво што е Холандија," објаснува директорот на амстердамскиот Меѓународен институт за социјална историја, Лео Лукасен.
И покрај тоа што исламската заедница го осудува убиството, во деновите по атентатот низ Холандија извршени се дузина напади на џамии во кои беше подметнат пожар.
Во тоа време, еден друг лик познат по нападите на религиозните екстремисти, добива 24-часовна полициска заштита, која трае и ден денес. Ликот е Герт Вилдерс, кој во тоа време изјавува "ние не треба да увезуваме ретардирано политички исламско општество во нашата земја, Холандија премногу долго е претерано толерантна кон нетолерантни луѓе".