Како Пепси толку многу згреши со рекламата со Кендал Џенер

За тие што не ја видоа: видео што ги покрива сите мулти-култи ставки од муслиманки со фереџе, црнци, ЛГБТ луѓе, до латиноси, жолти, кафеави и бели, сите тргнати во протест против репресивните власти и во моментот пред сето ова да експлодира, работата ја смирува Кендал Џенер (тазе избегана од фото-сесија) - со лименка Пепси. Глобалната реакција на видеото, обединета како ретко кога, а шаренолика како и самиот кастинг на рекламата беше - па дај молим те.

Уште во текот на вчерашниот ден, во истиот ден кога беше и пуштена, Пепси објави дека ја повлекува рекламата (масовно критикувана дека ги тривијализира протестите и движењата низ светот), со објаснување:

"Пепси сакаше да испрати глобална порака за единство, мир и разбирање. Очигледно сме ги промашиле знаците, и се извинуваме. Немавме намера да исмејуваме кое било сериозно прашање. Ја отстрануваме содржината и прекинуваме какво било понатамошно објавување."

Според Амоби бренд интелеџенс, дигиталната активност околу Пепси се зголемила за 366% за еден ден, меѓутоа во 43% биле спомнати Black Lives Matter, 31% се обележани со "без слух" а 10% како "најлоша на сите времиња". Амоби за истиот ден го анализирале и користењето на терминот "без слух", и во 77% од дигиталните содржини што го користеле овој термин се спомнуваат Кендал Џенер и Пепси.

Адвик нуди неколку одговори за тоа што се случи и каде згреши Пепси:

- Бренд советникот, Ален Адамсон, објаснува дека проблемот е во "минимизирањето на сериозноста на прашањата, и дека едноставно ставање на лименка Пепси може да ги реши проблемите на улиците на нашата земја. До некаде ова е посебно проблематично за движењето Black Lives Matter затоа што изгледа како да прават многу галама за ништо, бидејќи ако едноставно поделиш лименки на твоите протести нема да има никакви проблеми."

- За повеќе луѓе проблемот е и во изборот на Кендал, и поставување на богата, згодна, бела жена како херој на луѓето. Посебно крајот на рекламата, кога Кендал му ја дава лименката Пепси на полицаецот, евоцираше спомени на сликата од неодамнешните протести во САД, на која една црна активистка застана пред кордон полиција.

- Професорот по адвертајзинг од Бостон Универзитетот, Едвард Боше, порачува дека "рекламата не покажува никаква свесност за размислувањето на демонстрантите или на околината. Остава чувство на комплетна неискреност. Очигледно е направена од луѓе кои не биле на ниту еден протест или не потрошиле време на улица и немаат разбирање за насобран гнев".

Дел од реакциите:

(Ќерката на Мартин Лутер Кинг)






6 април 2017 - 10:11