27 јануари ја обележува 72-годишнината од ослободувањето на Аушвиц. Ова не е крајот на холокаустот, работата на гасните комори продолжува сè до самоубиството на Хитлер на 30 април 1945, а на места како Белсен уште илјадници умираат како резултат на прегладнетост и малтретирање дури и неколку недели по нивното ослободување.
Најзастрашувачка дилема околу сето тоа е како Германија, инаку цивилизирана и модерна земја, успева да стане општество на прогон, кое „брутално не е заинтересирано за судбината“ на секој вон сопствената заедница?
Самиот Хитлер кога доаѓа на власт (1933) има малцинска предност, и станува канцелар иако околу 55% од Германците немаат гласано за него. Без разлика што во германската култура провејува антисемитизмот, тој не е ни доминантен, ниту некој го почитува, а естаблишментот го презира нацистичкиот фирер и нема доверба дека тој може да ја води земјата, пред сè затоа што нема никакво искуство во тоа.
„Шест години подоцна, најголем број Германци се помируваат, а добар дел од нив се обидуваат и да профитираат, од комплетното понижување и ограбување на германските Евреи, нивното потчинување на 'субјекти' на Рајхот и нивното присилно иселување од земјата. Уште три години подоцна, мнозинството Германци, тука вклучувајќи ги корпоративните лидери од елитите и јавните службеници што го презираат Хитлер во 1933, не само што се правеа дека не гледаат што се случува, туку и спроведуваат поробување и масовни убиства... а во тоа наоѓаат и голем број помошници во деловите од Европа што се окупирани од Оската или се нејзини сојузници“, потсетува Хејс.
Клучната промена што се има случено во овој период е што власта секогаш ги увеличува идеите на оние што владеат во моментот. Па така нацистите со прогон успеваат да ги замолчат своите противници, а притоа да го претворат антисемитизмот во нешто што ќе се слави како патриотизам. Откако ова им успева, „гледањето на личниот интерес на поединецот го решава другото“.
Власта ѝ овозможува на нацистичката пропаганда остро да го подели светот на „нас“ против „нив“, и да ги збрише сите нијансирани алтернативи.
„За Германците светот станува постојана битка меѓу НАС сиромашните, доблесните и жртвуваните, и НИВ расипаните, заговорници и непомирливи. Во таква околина, која не простува, сите средства за самоодбрана се дозволени, вклучувајќи и напаѓање на НИВ од претпазливост - одземање на нивните права, затворање во кампови и гета, нивно збришување - пред тие да имаат шанса да го направат истото“, објаснува Хејс.
Приврзаниците на антисемитизмот во нацистичка Германија, и остатокот од Европа, се луѓе што страдаат и се осиромашени од Индустриската револуција, плус се чувствуваат под закана од комунизмот.
Хејс проценува дека денешните приврзаници на популизмот, во САД и Европа, се луѓе што ја губат својата класна позиција и се дезориентирани од дигиталната револуција, додека во истовремено се преплашени од подемот на исламизмот.
„Дали тие ќе тргнат по патот на нацистите кон ескалирање на паранојата и прогонот?
Само ако владите им помогнат. Популистичките движења сами по себе не можат да создадат општества што прогонуваат или да генерираат геноцид. На овој феномен му се потребни луѓе на високи позиции да ја олицетворат, стимулираат и имплементираат омразата. Само кога моќните лидери избираат да дозволат ширење на дискриминацијата и насилството, и потоа да ги забрзаат овие копнежи, резултатот е не само масовни убиства, туку системска деградација“, порачува Хејс.