На кратко: во времето кога Дона Бразил станува претседавач на Демократската партија таа начекува празна благајна како последица на неактивноста на својата претходничка и од тоа што Обама комплетно ја запоставува партијата и не ги враќа своите долгови. Како спасител се јавува Хилари, која го „решава долгот на партијата и ја става на изгладнувачка диета. Преживувањето на партијата стана зависно од нејзината кампања.“
Бразил е жената која во октомври минатата година беше отпуштена од Си-ен-ен како политички коментатор откако од мејловите објавени од Викиликс се дозна дека таа на Хилари и дојавила дел од прашањата што ќе бидат на претседателската дебата (против Сандерс) организирана од Си-ен-ен. Таа исто така од 28 јули 2016 до 25 февруари 2017 е претседавач на Демократскиот национален комитет (ДНЦ), телото кое што управува со Демократската партија.
На 7-ми ноември ќе биде објавена нејзината книга „Hacks: The Inside Story of the Break-ins and Breakdowns that Put Donald Trump in the White House.“ Извадок од книгата, ексклузивно е објавен во магазинот Политико.
Во мејловите објавени од Викиликс на 22 јули се обвинува дека тимот на Хилари го има наместено процесот на партиска номинација во сопствена корист. Само неколку дена подоцна (24 јули) оставка си дава Деби Васерман Шулц, дотогашниот претседавач на ДНЦ. На 26 јули на нејзино место доаѓа Дона Бразил, истиот ден Хилари ја доби номинацијата за претседателски кандидат на Демократската партија.
Едно од лични ветувања на Бразил до Берни Сандерс (кој во тоа време веќе се откажа од партиската трка за претседател и и’ даде поддршка на Хилари) е дека ќе открие дали обвинувањата за местење на партиските избори се точни.
„Деби не беше добар менаџер. Таа не беше многу заинтересирана да ја контролира партијата - остави главниот штаб на Хилари во Бруклин да прави што сака и не ги извести партиските функционери за тоа колку е лоша ситуацијата. Колку многу контрола имал Бруклин и колку време, беше нешто што се обидував да го откријам со недели.
На 7-ми септември, дента кога му се јавив на Берни, го открив доказот и тоа ми го скрши срцето,“ се објаснува во извадокот од нејзината книга.
Во текстот Бразил се навраќа на периодот меѓу нејзиното назначување за претседавач и разговорот со Берни. Опишувајќи ја финансиската позиција во која што ја наоѓа партијата, Бразил објаснува дека утрото по конвенцијата се слуша со одговорниот за финансии од тимот на Хилари, Гери Генслер, кој и кажува дека Демократската партија не само што нема пари, туку и е во минус од 2 милиона долари.
На Бразил не и јасно како е ова можно кога прво сите цело време тврдат дека сè е во ред, и второ Хилари нема никаков проблем со собирање пари. Генслер и потврдува дека и ним така им изгледало се додека не ги отвориле финансиските книги на демократите.
„Обама ја остави партијата со долг од 24 милиони долари - 15 милиони долг кон банки и над 8 милиони кон изведувачи по кампањата од 2012 - и тој многу споро го отплаќа ова.
Кампањата на Обама немаше должност да плати ништо од ова до 2016. Кампањата на Хилари (Хилари за Америка) и фондовите заеднички собрани од Хилари и ДНЦ (Победничкиот фонд на Хилари) покрија 80% од преостанатиот долг (на Обама) во 2016, околу 10 милиони долари, и ја ставија партијата на џепарлак.
Не знаев за ова, а претпоставив дека ниту кој било од другите функционери имаа претстава. Тоа беше начинот на Деби. По моето искуство таа не одеше кај останатите функционери на ДНЦ за совети и предлози. Таа сама ги носеше одлуките и во последен момент само ќе не известеше што решила, како што реши да ни каже за хакирањето само неколку минути пред Вашингтон пост да ја објави веста,“ пишува Бразил.
Во истиот разговор Генслер и кажува на Бразил дека на ДНЦ му треба заем од уште 2 милиона долари, што ќе биде покриено со пари од кампањата на Хилари.
Она што и е спорно на Бразил е дека партијата не може да земе заем без едногласна одлука од функционерите на ДНЦ, она што му е спорно Генслер е како до тогаш Деби го правела тоа и позајмувала пари од кампањата на Хилари.
„Кампањата го држи ДНЦ на апарати за одржување во живот, давајќи секој месец пари колку за остварување на основните потреби, додека кампањата ја користи партијата како покритие за собирање средства,“ објаснува Бразил.
Според американски закони поединец може директно да донира на претседателска кампања износ од максимум 2.700 долари. Ако стигнеш до овој лимит, тогаш единствена опција за дополнително донирање е да напишеш чек од максимум 353.400 долари за заедничкиот фонд на ДНЦ и Хилари (Победничкиот фонд на Хилари). Овие пари се префрлаат до секоја од сојузните држави членки на партијата, а од таму за кратко време се префрлаат за ДНЦ, кои парите ги пуштаат директно во штабот во Бруклин. Исклучок се т.нр „сојузни држави боишта,“ каде парите обично остануваат во тамошната филијала на партијата за понатамошно трошење.
Бразил со неверување го прекинува Генслер објаснувајќи му дека „победничкиот фонд требаше да биде за тој што ќе ја добие номинацијата, и за изборите за Сенат во секоја од тие држави, а ти кажуваш дека Хилари ги контролира овие пари уште пред да ја добие номинацијата?“
Одговорот на Генслер е дека тоа морало да се направи инаку партијата ќе пропадне:
„Тоа беше договорот што Роби (Робин Мук, менаџерот на кампањата на Хилари) го постигна со Деби. Тоа беше за да се одржи ДНЦ. Од септември (2016) до конвенцијата на партијата и испративме речиси 20 милиони долари, и уште ќе треба за да се подготви за избори.“
На прашањето колку пари троши партијата месечно, Генслер одговара меѓу 3,5 и 4 милиони долари. Бразил се вади од памет бидејќи за време на нејзиниот претходен мандат како претседавач на ДНЦ, сумата е за половина помала од ова. Таа повторно ја напаѓа Деби за тоа што за време на избори (и финансиски проблеми) таа решава да задржи голем број од консултантите на платен список на ДНЦ, а освен тоа и консултанти на Обама и понатаму се плаќаат од ДНЦ.
Гневна на „нередот што го наследува“ Бразил решава дека ќе ја врати контролата на партијата (од Бруклин) па макар и да биде привремен претседавач со ДНЦ.
Кога се враќа од годишниот одмор, Бразил конечно доаѓа до документот „Договор за заедничко собирање фондови меѓу ДНЦ, Фондот за победа на Хилари и Хилари за Америка.“ Договорот е потпишан од тогашниот ЦЕО на ДНЦ, Ејми Дејси, и Роби Мук.
„Во договорот е наведено дека во замена за собирање фондови и инвестирање во ДНЦ, Хилари ќе ја добие контролата врз партиските финансии, стратегија, и сите собрани пари. Нејзината кампања имаше право да одбие кој ќе биде избран за директор за комуникации на партијата, и може да донесе конечни одлуки за останатиот персонал. Од ДНЦ исто така се бара да се консултира со тимот на Хилари околу останатите прашања за персонал, буџет, податоци, аналитики и писма.
Се прашував зошто не можам да напишам соопштение за јавност без тоа да биде проверено од Бруклин. Епа, ете го одговорот,“ пишува Бразил.
Иако по партиски правила не е спорно дека кандидатот што ќе ја освои номинацијата добива поголема контрола врз партијата, во случајов проблем е што Хилари таква контрола практикува уште додека траат „компетитивните партиски избори“. Бразил објаснува дека „кога имаш отворен натпревар без актуелен претседател и со конкурентни партиски избори, кандидатот ја добива контролата само откако неговата номинација е сигурна.“
Враќајќи се на моментот кога му врти на Берни, Бразил муабетот го почнува со „Здраво сенаторе. Ја завршив мојата ревизија на ДНЦ и го открив ракот. Ама нема да го убијам пациентот.“
Таа му објаснува се што открива околу финансискиот договор меѓу ДНЦ и Хилари, и дека тоа е направено пред таа да стане претседавач, „објаснив дека ракот е тоа што таа ја има наметнато својата контрола врз партијата многу пред да ја добие номинацијата. Доколку го знаев ова, никогаш немаше да ја прифатам позицијата привремен претседател, ама бевме на само неколку седмици пред изборите.“
Сандерс ова го дочекува стоички, „тој не викаше, ниту изразуваше каков било гнев, наместо тоа ме праша што мислам какви се шансите на Хилари да стане претседател.“ Во тоа време анкетите се речиси едногласни дека Хилари е победникот, ама Бразил по сите години во политиката не е подготвена да се потпре на анкети.
„Морав да бидам искрена со него. Му кажав дека не им верувам на анкетите. Му кажав дека бев во повеќе сојузни држави низ земјата и сфатив дека секаде луѓето немаат ентузијазам кон нејзе. Без загрижена за Обама коалицијата и за миленијлаците.
Го терав Берни колку може повеќе да работи со своите симпатизери за да ги приближи до Хилари и со цело срце да тера кампања во нејзино име во надеж дека ќе собере поддршка. Тој може сметаше некои од нејзините позиции дека се премногу центристички, а нејзината блискост со финансиските елити му беше премногу одбивна, меѓутоа тој знаеше и јас знаев дека алтернативата е човек кој ќе ја стави иднината на нашата земја во опасност. Знаев дека ме слушна. Знаев дека се согласуваше со мене, меѓутоа никогаш во мојот живот не сум се почувствувала толку малечка и немоќна како кога му се јавив.
Кога спуштив со Берни почнав да плачам, не од чувство на вина, туку од гнев. Ќе одиме напред. Моравме да одиме напред,“ завршува извадокот од книгата на Бразил објавен во Политико.
Во анализа на извадокот од книгата, Атлантик пишува дека текстот „ја покажува Бразил како фрла земја на ковчегот на ерата на Клинтон.“ Она што е нејасно за Дејвид Грем од Атлантик е зошто Бразил би решила сега да сврти накај Сандерс и да се оддалечува од кампањата на Хилари, кога токму таа како политички аналитичар на Си-ен-ен пред време и даде дел од прашањата од претседателската дебата на Хилари против Сандерс што беше организирана на истата новинска мрежа.
Едно од објаснувањата на Грем е дека во период кога станува јасно дека минало времето на Хилари (и покрај нејзините активности околу промоцијата на сопствената група), тоа што Бразил решава да се качи на конвојот на Сандерс е „уште една индикација дека Сандерс, барем во моментов, е де факто лидер на Демократската партија.“