Џефри Сакс објаснува дека бројките со кои располага ИСИС се смешни и во регионални рамки, и дека нивните, по најоптимистички проценки, 30.000 војници се повеќекратно помалку дури и од најмалубројната регионална армија, сириската, која има 125.000 војници. (Ирак има 271 илјада, Саудиска Арабија 233 илјади, Турција 510 илјади, а Иран 523 илјади војници.)
Неговата процена е дека и покрај јавните залагања за уништување на ИСИС, Американците и сојузниците (Саудиска Арабија, Турција и Израел), многу повеќе се фокусирани на соборување на Асад.
"Израел е против ИСИС, меѓутоа за нив поголем проблем е што Асад има поддршка од Иран. Асад му овозможува на Иран да ги поддржува двата паравоени непријатели на Израел, Хамас и Хезболах. Затоа за Израел отстранувањето на Асад е поважно отколку поразот на ИСИС," пишува Сакс.
Саудиска Арабија има слична цел како и Израел, да се собори Асад со цел да се ослабе Иран. Турција сака да го собори Асад со цел да ја засили својата регионална позиција и моќ, притоа Турција заврши со тројца непријатели на својата граница: Асад, Курдите и ИСИС.
Тој потсетува дека за САД "под власт на неоконзервативци" војната во Сирија е продолжување на планот за глобална американска хегемонија започнат од секретарот за одбрана Ричард Чејни, на крајот од Студената војна.
Тогашниот заменик секретар Пол Волфовиц, на генералот Весли Кларк му порачува:
"Меѓутоа, една работа што ја научивме (од војната во Персискиот залив) е дека можеме да ја користиме нашата војска во регионот - Блискиот Исток - а Советите нема да нè сопрат. Имаме околу 5 до 10 години за да ги расчистиме старите советски режими - Сирија, Иран, Ирак - пред следната супер сила да дојде и да нè предизвика."
По сегашната процена на Сакс, овој план "мизерно не успева."
"Повеќето американски војни на Блискиот исток - Авганистан, Ирак, Сирија, Либан, и други - требаше да го отстранат Советскиот сојуз, а потоа и Русија, од сцената и да ја овозможат хегемонијата на САД. Овие напори мизерно не успеаа," порачува Сакс.
Русите и Иран паралелно со бранење на своите интереси, покажаа подготвеност да работат со САД за поразување на ИСИС. Проблемот е што САД ја обвинува Русија дека го брани Асад, на што Русија одговара со контра обвинувања дека САД се обидува да го собори.
"Овие поплаки може звучат симетрично, ама не се. Обидот на САД и неговите сојузници да го соборат Асад е прекршување на Повелбата на ОН, додека поддршката на Асад од страна на Русија е во согласност со правото на Сирија за самоодбрана според истата повелба. Да, Асад е деспот, меѓутоа Повелбата на ОН не и дава дозвола на која било држава да избира кои деспоти ќе ги соборува," појаснува Сакс.
Според него опстојувањето на ИСИС, покажува три стратешки пропусти во американската надворешна политика, и една тактичка грешка:
- Прво, напорите на неоконзервативците за постигнување американска хегемонија преку промена на режимите не е само крвава ароганција; туку е и класично империјалистичко посегнување. Секаде каде што Американците пробаа, ова не успеа. Сирија и Либија се само последните примери.
- Второ, ЦИА долго време ги вооружуваше и обучуваше сунитските џихадисти преку тајни операции финансирани од Саудиска Арабија. За возврат овие џихадисти го создадоа ИСИС, што е директна, ако не и неочекувана, последица на политиките на ЦИА и саудиските партнери.
- Трето, американската перцепција на Иран и Русија како непомирливи непријатели на САД на многу начини е застарено и себе-исполнето пророштво. Возможно е зближување со двете земји.
- Четврто, околу тактиката, обидот на САД да води војна на два фронта против Асад и ИСИС не успеа. Кога и да бил Асад поразен, сунитските џихадисти, вклучително ИСИС и Ал-Нусра, го пополнуваа празното место.
"Асад и Ирачаните можат да го поразат ИСИС ако САД, Русија, Саудиска Арабија и Иран дадат воздушна поддршка и логистика. Да, Асад ќе остане на власт; да, Русија ќе го задржи својот сојузник во Сирија; и да, Иран таму ќе има влијание. Терористичките напади без сомнеж би продолжиле, веројатно и во име не ИСИС; меѓутоа групата ќе остане без својата база во Сирија и Ирак.
Таков исход не само што ќе стави крај на ИСИС на Блискиот Исток; туку може да ги постави и темелите за намалување на регионалните тензии. САД и Русија може да започнат со поништување на нивната неодамнешна нова студена војна преку заеднички напори за уништување на џихадистичкиот тероризам. (Ветување дека НАТО нема да дозволи прием на Украина или да ги засили ракетните системи во Источна Европа исто така би помогнало.)," порачува Сакс.