Поминаа 10 години од убиството на Трејвон Мартин, црниот американски тинејџер чија прерана смрт го означува раѓањето на движењето за важноста на животите на црните луѓе. Сосема прикладно, БЛМ започна со објава на социјалните медиуми. Како одговор на ослободителната пресуда за човекот кој го уби Мартин, Џорџ Цимерман, Алиша Гарса на Фејсбук објави „љубовно писмо до црнците“ изразувајќи ги своите чувства на тага и неправда. Нејзина пријателка, Патриша Кулорс го реобјави тоа со хаштаг #BlackLivesMatter. Друга пријателка, Опал Томети, го зема домеинот и сметките на социјалните медиуми. Се роди парола, организација и движење. Во 2020 година таа го обиколи светот.
Една деценија од оваа храбра нова ера на „антирасистичка“ агитација, што постигна БЛМ? Прво и основно, собраа ужасно многу пари.
Деновивме пишавме како „БЛМ си купија куќиче за 6 милиони долари“, всушност луксузен пансион во кој имаат уживано Хемфри Богарт и Мерилин Монро. БЛМ неубедливо се вадеа дека го купиле „за да создаваат контент“. По убиството на Џорџ Флојд, БЛМ беше преплавен од корпоративни донации на фирми како Амазон, Микрософт, Унилевер, ЕрБнБ. Движењето ја заврши 2020 со 60 милиони долари на сметка.
Денес главата на БЛМ е редовно „оцрнувана“ од искрените активисти како измамнички параван кој профитирал од смртта на нивна браќа и синови.
Се постигна ли нешто освен што се глобализираа американските домашни проблеми? Освен упорно верглање на наративот за белиот супрематизам, ова движење не само што малку постигна во смисла на политички цели туку и ја влоши состојбата на оние во чие име се правеше „револуцијата“. Првичниот успех на целта за „дефундирање на полицијата“ доведе до нејзино повлекување од проблематичните делови на градовите, главно неселени со сиромашно црно и хиспано население. Криминалот порасна, убиствата пораснаа а насилните демонстрации, оправдувани од меинстрим медиумите, целосно ги опустошија црнечките маала и заедници.
Сето тоа време, куфери пари доаѓаа на сметката на БЛМ. На корпорациите толку им се брзаше да ја покажат својата општествена одговорност (за да не ги навлечат гневот на твитер толпите) што некои од нив (Гугл, Епл и Амазон) еднаш за малку ќе донираа милионски суми во погрешна БЛМ (за иронија, овие беа за повеќе полиција).
Некои десничари се убедени дека главната опасност од БЛМ е што фураат марксистички агенди и со тоа тотално ја промашуваат поентата.
„БЛМ никогаш не беше закана за оние кои ги држат позициите на моќ. Тие најмногу им наштетија на оние од дното, додека нивните активисти купуваа имоти а корпорациите донираа заради својот ПР. За вистинска прогресивност, следната деценија ќе имаме работа да се извадиме некако од неолибералниот „анти-расизам“ кој БЛМ ни го остави во аманет,“ пишува Том Слејтер.